Во малото шкотско село Килманрок, 15-годишниот Џон Вокер пред два века започна да меша разни состојки и да создава нов пијалак.

Откако остана без татко, Вокер ја продаде семејната фарма и отвори мала продавница наречена John Walker & Sons, каде што се “крчкаа“ егзотични чаеви и зачини од целиот свет. Младиот претприемач успешно ја искористи својата креативност, а резултатот беше нова мешавина од Шкотско виски.

Неговата амбиција за бизнис ја наследни и синот Александар, па така во 1867 година го претстави првиот комерцијален пијалок под името Old Highland Whisky.

Во тоа време Шкотска веќе имаше развиена трговија по копнен и морски пат, па пијалакот за кратко време стана интернационален бренд. Old Highland, подоцна во 1909 година “еволуираше“ во Red и Black Label.

Една година пред тоа за прв пат го доби препознатливиот цртеж на човек кој оди. Заслужен за него беше внукот на основачот, Џорџ Питерсон Вокер, кој за време на еден ручек во ресторан случајно го нацртал познатиот господин со шапка и бастун.

Johnnie Walker стекна огромна популарност до 1920 година, а Red Label до 1930 година беше првиот глобален бренд присутен и продаван на 120 странски пазари.
Семејството секогаш го ставаше квалитетот над профитот и токму поради таа карактеристика John Walker & Sons доби кралски орден од кралот Џорџ V за време на новогодишната прослава во 1934-та. Од тогаш секој иден монарх на Кралството го обновува орденот за квалитет.

Кон крајот на 30-тите години од минатиот век цртежот на шишињата беше заменет со фотографија, а во 1939 година таканаречениот Striding Man беше заменет со минијатурно лого. Во доцните 90-ти насоката на Шетачот беше сменета како дел од кампањата Keep Walking. Последната измена на логото е направена во 2015 година.

Денес, брендот го поседува Diageo, британска компанија за производство на алкохолни пијалаци. Таа е креирана во 1997 година како спој од Guinness и Grand Metropolitan.

Johnnie Walker е еден од најпознатите и најпопуларни алкохолни пијалаци. Тоа е најдистрибуираното шкотско виски во светот, а годишно се продаваат повеќе од 223,7 милиони шишиња или околу 156,6 милиони литри.

Фото: Johnnie Walker