Повеќе од 250 научници–геотехничари и инженери разменуваат искуства, идеи и можности за полесно детектирање и менаџирање на опасностите и ризиците во случаи на катастрофи на 16-тата Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство, која за првпат се одржува во Македонија во организација на Друштвото за геотехника на Македонија.

Тема на тридневната конференција е Геотехнички хазарди и ризици: искуства и пракса, кадешто научниците дебатираат за влијанието на геотехничките опасности врз инфраструктурата – лизгање на земјиштето, вештачки падини, земјени работи, длабоки ископувања, брани, пропусти при поправка на падина, опасности од поплави, земјотреси, темели на мостови и изградба на тунели.

“Македонија е на исто рамниште со другите држави од регионот во однос на развојот на геотехничкото иженерство, а во одредени делови сме и најдобри“, рече професор д-р Милорад Јовановски, претседател на Друштвото за геотехника на Македонија и организатор на Конференцијата. Според него, природни катастрофи се случуваат секаде во светот, но добро е државите да бидат подготвени и да ги превентираат можните последици.

“Оваа конференција е признание за нашето друштво и довербата да ја организираме едногласно беше дадена од Бордот на директори на европското здружение во Виена во 2014 година. Идејата да се разговара за опасностите и за ризиците поттикна од големите катастрофи кои се случија последниве години во регионот и пошироко. Јасно е дека проценката и менаџирањето со ризикот се наметнува како потреба во сите области на геотехнологијата. Меѓународната размена на информации е од круцијална важност за унапредување на знаењето и искуството во оваа научна и практична дејност. Непогодите не може да се спречат до крај, но може да се намалат последиците. Оваа конференција дава добри примери и начини како тие да се намалат“, рече професорот Јовановски.

Покровител на конференцијата е Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, според кој “фактот дека оваа значајна конференција се одржува кај нас е признание за Република Македонија “ и е уверен дека оваа Меѓународна конференција ќе придонесе во изнаоѓање на неопходните практични и применливи решенија на овие геотехнички предизвици.

Оваа конференцијата има 54 годишна традиција откако првпат е организирана во далечната 1964 година. Еден од членовите на Основачкото собрание е професорот д-р Хајнц Брандл од Техничкиот универзитет во Виена, кој е и иницијатор за нејзино одржување во Македонија. Поради ова и други заслуги на Брандл му беше доделен Медал за заслуги на Република Македонија од Претседателот Ѓорге Иванов.

Друштвото за геотехника на Македонија ја реализира оваа меѓународна конференција во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Градежниот факултет, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Инженерската институција на Македонија. Конференцијата се одвива под закрила на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство (ISSMGE), а поддржана е и од Меѓународната асоцијација за тунелоградба и подземни конструкции (ITA).