Фото: Pixabay

Носењето готовина со себе, понекогаш може да биде ризично, па сè поголем број луѓе веруваат дека кредитната или дебитната картичка е многу побезбедна и посигурна опција. Без оглед на можностите за заштита, многу често се случува и нивна злоупотреба.

Освен физичка кражба на картичката, може да се случи и кражба на податоци од картичките на интернет или со помош на уреди што криминалци ги поставуваат на банкоматите.

Од сите овие причини, бидете внимателни каде и како ја користите својата вредна пластична картичка.

Непроверени онлајн продавници – иако електронската трговија бележи нагорен тренд и кај нас и во светски рамки, сепак неопходно е да бидете внимателни каде ги оставате податоците од својата картичка.

Небезбедни мобилни апликации или мејлови од сомнителен испраќач – додека ги прелистувате вашите омилени интернет страници, бидете сигурни дека нема да се појави некое скриено “прозорче“ што ќе побара ваши лични податоци за да ви го исчисти телефонот или компјутерот од потенцијални вируси. Не наседнувајте, бидејќи голема е веројатноста да станува збор за небезбедна програма или апликација што може да ги злоупотреби вашите податоци или финансиски средства. Исто така, внимавајте и на мејлови што може да пристигнат во вашето електронско сандаче, а се од сомнителен испраќач.

Банкомати поставени на небезбедни места оддалечени од банката – најбезбедно е да се користат банкомати што се наоѓаат во самата банка или во нивна непосредна близина. Една од причините за тоа е тоа што објектите на банките се под постојан видео надзор и имаат зголемено ниво на безбедност.