Фото: Pixabay

Понекогаш не сме заинтересирани за разговор, расеани сме, или загрижени за нешто друго. Сепак многу е важно да го одржите еднаквото ниво на слушање и зборување.

Разгледајте ги најчестите грешки при комуникацијата и не ги правете во иднина.

Не слушате внимателно

Површното слушање е добро, доколку го одржувате разговорот од љубезност. Но, кога разговарате со некој ваш клиент или бизнис соработник, треба во себе да се преслушате пред нешто да кажете, но и да оставите простор на другата страна да го каже она што го мисли. Активното слушање се однесува и на вниманието кое и го посветувате на другата личност, односно вашиот говор на тело и вашите гестикулации. Доколку внимателно и активно слушате нема да имате потреба да смислувате одговори, тие ќе бидат спонтани, одмерени и искрени.

Настојувате да бидете во право

Оние кои сакаат секогаш да бидат во право се најнапорни соговорници и најлоши слушатели. Доколку сте ваква личност, за почеток престанете да му кажувате на соговорникот на секоја реченица дека не е во право, ова навистина иритира. Наместо да негирате се` што ќе каже, започнете ја реченицата со “интересен став” или со “да, ми се допаѓа”,  а доколку сакате да изнесете спротивен став, напоменете колку е важно да се слушне и туѓо мислење. Доколку разговорот тече вака, веројатно ќе биде и позитивен исходот од истиот, а вие нема да сте тој/таа кој/а цело време само контрирал, сакајки да биде во право.

Не знаете за што разговарате

Доколку сте нервозни за “драмските” паузи кои се појавувааат во текот на разговорт со некој кој не го познавате, секогаш имајте спремни актуелни теми. Секогаш можете да го започнете разговорот со “што мислиш за” или “слушнав дека” па да го додадете она што е актуелно. Секој ден се случува нешто во светот, само не треба да си дозволите да бидете неинформирани.

Не го изнесувате добро она што сакате да го кажете

Ако сте “загреани” за темата може да ви се случи да подлегнете на експресијата и да почнете пребрзо да гестикулирате и зборувате, сакајќи да бидете убедливи. Вака, може да станете напорни и “тешки“ за разговор. Немојте да настојувате да го придобиете соговорникот, туку изнесувајте го вашето мислење, поткрепено со аргументи и факти.