Сакате да напредувате на работното место, но не сте сигурни каква стратегија треба да употребите. Експертите го советуваат следново:

Водете евиденција за секоја задача

Секогаш кога ќе се сретнете со шефот или ќе добиете одредена задача, забележувајте го тоа во вашиот календар на активности. Внимавајте на роковите, особено ако сте добиле повеќе обврски истовремено. Така, кога шефот ќе побара од вас извештај за стореното, ќе бидете подготвени. Уште подобро е да го направите тоа и пред претпоставениот да побара од вас.

Одговарајте во најкраток можен рок

Многу е непрофесионално ако не одговорите на мејлот или телефонскиот повик од шефот. Дури и да не можете во моментот да зборувате или пишете, дајте до знаење дека за најбрзо време ќе го сторите тоа. Така покажувате дека сте човек на кој може да му се верува.

Работете “паметно“

Она што е важно е успешно да се комплетира проектот/задачата, односно крајното решение. Затоа, размислете како тоа да го постигнете и не губете време на нешто што нема да користи. Не се важни часовите што сте ги потрошиле, туку ефикасноста на решението што сте го пронашле.

Не споделувајте сè

Некои делови од приватниот живот навистина треба да останат тајна. Шефот не мора да знае колку сте испиле претходната вечер и не треба да има увид за тоа што споделувате на социјалните мрежи. Останете професионални.

Бидете човек од идеи

Секој претпоставен сака вработени кои имаат идеи и истите ги споделуваат со останатите. Една од највреднуваните карактеристики е токму проактивноста и преземањето на иницијатива. Кога сето тоа ќе се дополни со некоја добра идеја без сомнение ќе станете омилени кај шефот.