paper-3213924_960_720

Фото: Pixabay

За да изградите квалитетен однос со секој вработен, треба време и посветеност. Еве некои совети што ќе ви помогнат во тоа.

Добра комуникација со вашите вработени

Лошата комуникација со вработените секогаш е на прво место на листата на најголеми грешки коишто менаџерот може да ги направи. Добрата комуникација е давање на повратни информации на вработените, барање на нивно мислење за сите активности, навремено информирање за сите новости во фирмата, без разлика дали се добри или лоши.

Мотивирајте ги вашите вработени

Една од клучните вештини е мотивирањето на луѓето. Ако вработениот е мотивиран, тој има дури 40% поголема продуктивност. Не се мисли само на финансиските награди, како начин на мотивација, активната улога на вработените во работните процеси, преземањето одговорност за унапредување на работата и поголеми овластувања се мотивациони фактори коишто трајно делуваат на вработените и континуирано резултираат со позитивни ефекти за вас и вашата компанија. Затоа, поставете јасна цел, објаснете ги очекувањата, обезбедете ресурси, разберете ги потребите на вработените и бидете праведни кон сите.

Помогнете им на вашите вработени

Вистинскиот менаџер е заинтересиран за постојан напредок на своите вработени. За да може ова да го направите, прво мора да ги запознаете своите вработени и да ги пронајдете скриените таленти во нив, коишто треба да ги извлечете на површина. Познавањето на добрите и лошите страни на еден вработен ќе ви помогне при донесувањето одлуки за унапредување и за наградување на квалитетно завршената работа. Луѓето се често таинствени и не сакаат да ги откријат своите амбиции и знаења .

Одговарајте на прашањата

Нека ви биде златно правило да одговорите на секој ваш вработен во рок од 24 часа. Без разлика дали се работи за молба, барање или известување, секогаш одговорете на она што го добивате како информација од  вашите вработени. Со ова ќе покажете заинтересираност за неговите проблеми.

Изградете кредибилитет

“Заработете“ го почитувањето на вашите вработени преку вашата работа и однос со колегите.  Квалитетниот однос со вешта комуникација ќе ви донесе многу поголем кредитибилитет од било што друго. Кога еднаш сите ќе се уверат дека сте личност на која може да се потпрат во сите ситуации и ќе ви веруваат на тоа што ќе го кажете, вашиот однос со вработените ќе добие нов квалитет.

Имајте редовни состаноци

Постојано разговарајте за проблемите и начините на нивно решавање. Искрено слушајте ги вашите вработени. Немојте само вие да зборувате, дозволете им да ви објаснат зошто работите ги прават на начинот на којшто ги прават. Верувајте дека ќе научите многу работи.

Давајте повратни информации за вршењето на работата

Секогаш давајте им повратни информации на вашите вработени за работата којашто ја завршиле, во споредба на она вие што сте го очекувале и тие ќе тежнеат да ги поправат своите недостатоци и грешки. Делегирајте по потреба. Кога работите одат добро, бидете тука за поддршка, не критикувајте по секоја цена. Кога ќе се појави проблем, помогнете им да го решат. Најбитно е да им дадете до знаење дека вие сте еден од нив, а не нивен противник.