lob-2Фото: Christian Loboutin

Само едно име може да предизвика воздишки кај сите претставнички на понежниот пол, и тоа не поради неговиот изглед, туку поради неговото ремек-дело. Тоа е Кристијан Лобутин, модниот гениј кој многу пати досега е прогласуван за крал на високите потпетици. Неговите култни модели, во неодоливи нијанси и со гламурозни детали сигурно никого не оставаат рамнодушен, и тоа како со својот изглед, така и со цената.

Но, како започнало се? Кој е всушност Кристијан Лобутин?

Роден во Франција во 1963 година, уште во своите тинејџерски денови, Кристијан Лобутин почнал да скицира чевли, а првата работа ја добил во едно кабаре како костимограф. Модните критичари сметаат дека тоа е причина за неговата опсесија за високи потпетици.

На свои 16 години започнал да работи за дизајнерот Чарлс Џордан. Неговиот потенцијал бргу бил препознаен. Наскоро, Лобутин почнал да дизајнира чевли и за познати брендови како Chanel, Yves Saint Laurent, и Maud Frizon. Иако неговите чевли биле многу популарни, сепак, дури на почетокот на 90-те, Лобутин го отворил својот прв салон за чевли промовирајќи ја својата прва колекција.

lob-3Фото: Christian Loboutin

Познатата линија на високи потпетици со црвен ѓон ја креирал три години подоцна. Лобутин ѓоновите ги обоил во црвена боја дури во 1993 година. На идејата дошол случајно, откако го видел црвениот лак за нокти на својата асистентка. Обоил црни ѓонови за да види каков ќе биде резултатот, а потоа одлучил сите чевли да ги подвлече со црвена боја. Поради небесно високите потпетици и препознатливиот црвен ѓон, чевлите на Кристијан Лобутин станаа најпосакувани чевли на сите времиња.

Лобутин не застанува овде. Во 2003 дизајнерот ја започна својата линија на женски чанти, а девет години подоцна дизајнираше и чевли за мажи.

Неговите чевли ги носат едни од најпознатите луѓе во светотот, како принцезата Каролина од Монако, Мадона, Сара Џесика Паркер. Иако цената на неговите чевли се движи од 400 до 6.000 долари, Лобутин продава повеќе од 500.000 парчиња годишно.

Неодамна, Кристијан Лобутин создаде чевли во коишто може да влезе единствено нога на балерина. Високи се дури 20 сантиметри. Славниот дизајнер ги изработил за аукција наменета за собирање на средства за финансирање на Англискиот национален балет.

Францускиот дизајнер не престанува со своите иновации. Со една од последните кампањи, им овозможил на своите купувачи да ги тетовираат своите чевли. Тој во своите продавници во Лондон, Париз и Лос Анџелес вовел сервис што на купувачите им овозможува своите омилени чевли да ги украсат со тетоважа, и на тој начин на своите сакани обувки да им остават личен печат.

Последната кампања на Кристијан Лобутин е колекција на чевли во пет нијанси, од беж до боја на костен коишто треба да се прилагодат на тенот на купувачот. Поради ваквата боја чевлите визуелно ја издолжуваат женската силуета. За корисничките полесно да ја пронајдат соодветната нијанса на “Лобутинки“ куќата на овој дизајнер за своите купувачи подготвила и посебна апликација, “Louboutin Shades App”.

lob-1Фото: Christian Loboutin

Бидејќи чевлите на Лобутин за повеќето жени се луксуз, некои помали компании најдоа поевтин начин како да произведуваат чевли што личат на неговите, па со неколку потези боја чевлите од 30 долари, ги претвораат во марка Лобутин којашто чини од 500 долари па нагоре.