Фото: Pexels

Работите кои по својата природа спаѓаат во областа на банкарството, се среќаваат уште во робовладетелството. Во Вавилон биле познати приватни куќи (Игиби и Мураши) кои примале на чување жито и друга храна, а потоа ги позајмувале на други лица. Признаниците за депонирани производи служеле како средство за пресметување и плаќање, а позајмиците се вршеле најчесто со камата. Овие приватни куќи се нарекувале тезаури и од нивните називи денес потекнува поимот тезаурирање, што значи повлекување пари од промет.

Во античка Грција со појавата на метални пари, биле развиени менувачките работи, а потоа менувачите на пари – трапезари (трапеза што значи маса, клупа на којашто се извршувале менувачките работи) станале и заемодавачи. Подоцна, се формирани големи менувачници коишто се занимавале со залог (биле широко распространети хипотекарните кредити), примале пари на штедење и слично.

По примерот на Грција, овие работи значајно се надополнуваат во стариот Рим. Римскиот банкар – аргентариус, покрај со менувачки се занимавал и со примање депозити и влогови, давање заеми и посредување во тогашниот платен промет.

За најстара банка во историјата на банкарството се смета Casa di San Giorgio (1407 година) во Џенова. Од 17-от век се основаат жиро банки во Венеција, Женева , Хамбург и други градови, а вршеле готовински плаќања со прост пренос од сметка на сметка. Со овој вид на работи стануваат основачи на клирингот и временскиот начин на плаќање.

Амстердамската банка (1609 година), како и Хамбуршката банка (1619 година), ги воделе сметките на своите клиенти во имагинарна единица – банкарски (книжни) пари.

Во 17-от век се основани повеќе банкарски установи од приватен и јавен карактер, но скоро сите по извесно време биле ликвидирани. Единствена банка од тоа што е одржана до денес е Bank of England (основана 1694 година), што се смета за прва емисиона банка во историјата на банкарството.

Во нашата земја, банкарството првобитно се јавува во облик на филијали на отоманските банки (Цариградската отоманска банка е основана во 1856 година, со британски капитал, а во 1863 година е отворена нејзина филијала во Солун). Отоманската банка основа свои филијали во Битола, Скопје и на други места во 1903 година.

На почетокот на 20-от век во земјава почна основање кредитни институции од локално значење, во форма на задруги и здруженија за кредитирање.