boi

Фото: Pixabay

Вчера, во разговор со една драга другарка, помеѓу сите безвременски теми и приказни што ги разговаравме, ми раскажа една ситуација која ја памети од детството, а сè уште ја носи во себе. Драго ми беше да ја слушам додека таа, полна со емоции, низ нејзиното описно раскажување како низ временска машина, ме понесе назад во тој момент од нејзиниот живот. Толку живописно раскажуваше, а сепак се работеше за нејзиниот омилен и едноставен колач, наречен „брз кекс”. Ми рече: „Од мала го обожавам неговиот мирис. Уживав кога се ширеше низ целиот дом, му даваше топлина, љубов од рацете на мајка ми распливната низ целиот дом. Каква магија!”. Некој вешт сликар сигурно ќе искористеше најубави и живописни бои да го прикаже и да го овековечи тој момент на платно.

Секој момент од нашиот живот е обоен со некоја емоција. Секоја емоција е обоена со некоја боја. Колку повеќе убави емоции и убави моменти, толку повеќе убави бои ќе го бојат вашиот свет.

Која боја ви е најомилена? Со кои бои сте опкружени најмногу? Како се чувствувате денес?

Сите овие прашања и одговори се директно поврзани со вас и со вашето однесување, карактер, енергија што ја зрачите и како околината влијае на вас и на вашето расположение. Бојата не само што ни помага да ги раздвоиме едни од други некои физички објекти, туку таа е сеприсутна на сите полиња (и физички и метафизички) од нашето постоење и живеење.

Психологијата на бои ни кажува дека изборот на бои коишто ги користиме, во суштина, ги покажуваат најдлабоките особини од нашиот карактер и влијаат директно врз нашето расположение, состојба, продуктивност. Зелената одмора и најмалку ги заморува очите. Црвената значи страст и ја забрзува циркулацијата на срцето. Таа значи внимание и апетит. Портокаловата е боја на стимулација и ентузијазам. Таа го забрзува и енергенизира работењето на мозокот. Сивата е пасивна боја, спротивна на црвената. Кога не сакате да привлечете внимание, сивата облека е одлична. Сина – ако не знаете што претставува бојата, само замислете каде се појавува најмногу во природата. Небото и океанот се сини. Небото е лојално, искрено, значи доверба. Кога носите сино, тоа ве позиционира како експерт, дека знаете што зборувате и дека сте смирени и сталожени. Сината значи мудрост. Виолетовата, пак, е кралска боја. Боја што означува нешто ексклузивно, скапо, луксузно. Доколку сакате да ве перципираат како агресивни, носете црно. Но, црната исто така, значи и авторитет и моќ.

Со какви очи гледаш, во која боја гледаш, така ќе го гледаш светот, а и тој тебе.

Квантната физика вели дека клетките во нашето тело реагираат онака како што им кажува нашиот мозок, т.е. како ги насочуваме нашите мисли. Нашите мисли влијаат врз нашите емоции. Затоа, насочете ги мислите на убавите моменти и бои во животот. Обојте го животот во боја на љубов, баланс, мир, насмевки и распеани виолетови ливчиња на штотуку расцутените пупки на дрвјата во пролет.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.