Фото: Pixabay

Многумина ги интересира податокот колку заработуваат грчките компании во земјава. Според расположливите податоци за избрани 20 компании што се предмет на анализата, 15 од нив работеле профитабилно и тие во 2017 година заедно оствариле добивка од 22,2 милиони евра, односно 1.365.146.943 денари, пишува порталот Аналитика.

Грчките компании заедно ја влошиле профитабилноста, односно ја намалиле вкупната добивка во работењето во 2018 година речиси за третина во однос на претходната година.

Убедливо најпрофитабилна во бизнисот за оваа година била градежната компанија Актор, којашто прикажала добивка од 661,612 милиони денари, односно 10,7 милиони евра. На второ место е трговскиот синџир Веропулос со 567,909 милиони денари или 9,2 милиони евра. Сите други 13 компании коишто доставиле податок имале далеку помали добивки. Заедно пријавиле заработка само од 2,2 милиона евра, односно 20,56 % од сумата на прворангираната Актор.

Податоците за работењето на другите компании покажуваат дека на трето место според добивката е Фанси корнер Цопанелис со 29,5 милион денари или 480,3 илјади евра. Зад неа е Г.С. Текстил со пријавени 24,2 милиони денари, односно 394,1 илјади евра.

Петторангирана е уште една текстилна фирма, Текстилна корпорација, со 22,1 милиони денари, а зад неа е Металтерм со заработени 15,6 милиони денари. Зад неа е уште една текстилна компанија, Фалко од село Цапари, со добивка од 14,9 милиони денари. Трговската фирма Миркат со заработени 12,5 милиони денари е последната којашто пријавила добивка поголема од 10 милиони денари. Веќе деветтата на ранг -листата за профитабилност, трговско – производствената Сафира, е со добивка од 6,7 милиони денари или двојно помалку од Миркат. Листата на фирми со милионска добивка завршува со производствено – трговската Стампа и енергетската Грин енерџи со добивка од 3,9, односно 3,5 милиони денари. Преостанатите четири компании пријавиле вкупна добивка само од 2,4 милиони денари.