Во текот на 2019 година, во делот на управување со проблематичните кредити, согласно направените проекции, се планира наплата на проблематични побарувања од 56 должници во износ од околу 918 милиони денари, стои во Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансиски план на Комерцијална банка за 2019 година, објавен на Македонска берза.

Во рамки на проекциите, Комерцијална банка проектира пораст на бруто кредитите кај правните лица за 2019 година во висина од 10%. Од друга страна, во доменот на работата со население, за 2019 година банката планира неколку цели:

  • пораст на брутокредитите кај физичките лица за околу 4,7%,
  • пораст на вкупните депозити на физички лица за околу 3,4%,
  • зголемување на бројот на активни банкарски картички,
  • зголемување на прометот со картички,
  • ширење и модернизација на мрежата на ПОС терминали и банкомати,
  • воведување нови производи и услуги и модификација на постојните,
  • придобивање нови клиенти,
  • подобрување на наплатата на побарувањата по кредити, банкарски картички и трансакциски сметки, – зголемување на пазарното учество.

Вкупните депозити на банката се планира да се зголемат за 3,8%, при што во текот на 2019 година не се планира промена на рочната и валутната структура на вкупните депозити на комитенти. Исто така, депозитите се планирани на ниво со кое нема да се намали нивното учество од над 85% во вкупните извори.

Акционерскиот капитал е на ниво на претходната година, додека резервите на банката се планира да се зголемат за 500 милиони денари по основ на распределба на дел од нето добивката за 2018 година во резерви.

Исто така, банката планира да издвои и 323 милиони денари како задржана добивка. Со зголемување на резервите дополнително ќе се зајакне капиталот на банката, со што ќе се обезбеди исполнување на капиталните барања од НБРМ и заштитните слоеви капитал.

При планирање на оваа позиција земено е предвид одржување на стапката на адекватност на капиталот од минимум 16,5% во однос на вкупната ризично – пондерирана актива.