Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2018 година, 79,3 % од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Учеството на домаќинствата според типот на населеното место со фиксен широкопојасен интернет во вкупниот број домаќинства e 70,4 % во 2018 година.

Во првото тримесечје од 2018 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 79,2 %, а 68,7 % го користеле секој ден или речиси секој ден.

Мобилниот телефон или паметниот телефон биле најкористени средства за пристап до интернет кај корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (91,8 %).

Процентот на лицата кои користеле компјутери, лаптопи, паметни телефони, таблети или други преносливи уреди на работа е 74,9 %.

Во последните 12 месеци процентот на лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет изнесува 31,6 %, а мнозинството (54,9 %) од нив купиле облека или спортска опрема.