Фото: Pixabay

Кога ќе го слушнеме зборот “критика”, веднаш имаме впечаток дека станува збор за нешто негативно. Во суштина и како дефиниција, според Википедија, критиката значи “практика на судење на нечии карактеристики или недостатоци”.

Но, во суштина, критиката не е негативен збор. Ние само сме го прифатиле тој концепт како негативен. Тоа означува, давање совет, мислење, коментар (feedback) некому за него, неговите карактеристики или акции/дела. Критиката едноставно претставува нечие мислење за нас, што до нас е како ќе го воспримиме.

Затоа, секогаш кога зборуваме за критика, мора да ги разгледаме двете перспективи, на оној кој ја дава и на оној кој ја прима критиката.

Од аспект на испраќач на пораката (критиката), исто така, има две гледишта. Која е намерата во заднина на лицето што критикува?! Од една страна, ако зборуваме за негативна критика, тоа може да значи:

  • Високо мислење за себе (ЕГО): затоа јас те критикувам тебе, бидејќи јас си давам на значење и мислам дека ти не си добар (јас сум добар став) и си дозволувам да те судам;
  • Навреда: сакам со мојот коментар да те навредам;
  • Страв од себе самиот: кога ги критикуваме другите, ние во суштина бегаме од себеси. Се плашиме да погледнеме длабоко во себе, да си ги видиме нашите маани и недостатоци, и затоа полесно ни е да се свртиме и да  ги критикуваме другите.

“Луѓето наместо да погледнат во себе, имаат тенденција да ги критикуваат другите”
 К. Г. Јунг

Но, критиката може да биде целосно добронамерна, пријателска и позитивна. Некогаш сакаме да им укажеме на нашите пријатели, колеги, фамилија дека некои работи можеби не им се најдобри, па затоа им даваме совет или наше мислење со цел да се подобрат и тие добијат од тоа. Во ситуација кога сакате да дадете позитивен совет (критика), една од најважните работи е начинот на кој ќе го кажете тоа!

Тоа е важно, бидејќи “критиката”, од страна на примачот, исто така, може да биде сфатена од негативен или од позитивен аспект. Ние ги гледаме советите од страна како негативна критика, најмногу поради нашето ЕГО. Кога некој ни дава критика, тоа за нас (нашиот мозок-ЕГО) значи напад. Кога некој нè напаѓа, ние или ќе побегнеме или ќе вратиме со напад.

Доколку нашето ЕГО не се повреди од секој можен коментар, ние навистина може многу да добиеме. Луѓето од страна гледаат различно од она како ние гледаме. Затоа, кога некој ќе ни даде критика, вие не само што не треба да му се налутите, туку треба и фала да му кажете. Секој совет, критика, нечие мислење, може да нè освести за некои работи, и ние, ако ги примениме тие совети, може само да “пораснеме“. Следен пат, кога ќе ви даде некој критика, немојте да го сфаќате тоа лично (без оглед на тоа како е кажана и со која намера), туку размислете дали е тоа точно и дали за вас ќе е корисно, ако го употребите.

“Кога ги судите другите, вие не ги дефинирате нив, туку вие се дефинирате самите себе.“
Вејн Дајер 

Следниот пат кога ќе сакате да дадете некому критика, имајте ги на ум овие перспективи, а на вас после останува како ќе пристапите и што и кому ќе му кажете што мислите. Исто така, кога ќе примите некогаш критика, пробајте да го тргнете личниот момент, и видете дали може нешто од тоа да ви користи.