hr-3-pixabay

Фото: Pixabay

Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) по трет пат ќе ја додели наградата HR менаџер на годината.

Целта на овој избор е да се оддаде признание на најпосветениот и најуспешниот HR менаџер, кој со својата работа во доменот на менаџментот на човечки ресурси придонесува за успешноста на компанијата и развојот на луѓето, стои во соопштението.

Од МАЧР повикуваат да го номинирате HR менаџерот кој сметате дека неговата работа и труд во изминатата година особено придонесоа за развој на функцијата менаџмент на човечките ресурси, воспоставување и унапредување на HR практиките и дека треба да биде награден со ова признание, што се доделува еднаш во годината.

Номинираниот може да биде одговорното лице за управување со човечките ресурси во Вашата компанија, или од друга компанија, кој како дел од работните активности има креирање и спроведување на стратегија за човечки ресурси во организацијата. Неговата/нејзината работна позиција е најчесто именувана како: Директор за човечки ресурси, Менаџер за човечки ресурси, Раководител на сектор за човечки ресурси и сл. Можете да го номинирате вашиот колега од областа, но можете да се номинирате и самите себе.

Трет пат статуетката за Најдобар HR менаџер на годината ќе биде врачена како симбол и пример за важноста на HR професијата во организациите и општеството, со признание на HR менаџерот и компанијата којашто го овозможила неговиот личен и професионален развој и работа во оваа област. Селекцијата на кандидатите ќе биде извршена од страна на Комисија составена од докажани практичари и теоретичари од областа на управувањето со човечките ресурси.

Пријавувањето и номинирањето за HR менаџер на годината може да се изврши заклучно со 31 јануари 2017 година, со пополнување на формуларот за номинирање на HR менаџер на годината и истиот да се проследи на e – mail адресата: contact@mhra.mk. Повеќе информации за Изборот на HR менаџер на годината, можете да погледнете овде.

Организатор на Изборот е Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), како единствено професионално здружение на HR професионалци во земјата, кое има мисија со своето работење да ја поддржува и развива професијата менаџмент со човечки ресурси и да придонесува за унапредување на нејзиниот статус.