Нето добивката на Македонски Телеком за првите шест месеци од 2018 година е зголемена за 33,5% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 816 милиони денари. Приходите од продажба изнесуваат 5,017 милиони денари, што претставува зголемување за 1,0%  во споредба со истиот период од претходната година.

Македонски Телеком успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 57,4% (интерна проценка), односно 209,6 илјади корисници на крајот на првите шест месеци од 2018 година.

Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 29,1% удел во вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки. IPTV (дигитална телевизија преку Интернет протокол) услугата, поради високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство е добро прифатена на пазарот. Па така, компанијата оствари зголемување на бројот на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Internet&TV и други ТВ услуги) за 8,3% во споредба со истиот период од претходната година, што резултираше со база од 121,7 илјади корисници на крајот од првите шест месеци од 2018 година.

Вкупниот број на пристапи на широкопојасен интернет на крајот од првите шест месеци од 2018 година е стабилен и изнесува 189,9 илјади, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет за истиот период е 44,8%, според интерна проценка.

Како резултат на стратешката иницијатива за забрзување на фиксниот сегмент, направен е пресврт на негативниот тренд во овој сегмент. Следствено, приходите од фиксни услуги (говорни услуги, интернет и ТВ) на крајот од првите шест месеци од 2018 година се стабилни во споредба со истиот период од претходната година.

На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 48,4%, според интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првите шест месеци од 2018 година изнесува 1.172 илјади претплатници и е намалена за 3% во однос на истиот период од претходната година.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите шест месеци од 2018 година се стабилни во споредба со истиот период од претходната година.

Приходите од неговорни услуги во мобилниот сегмент се зголемија за 12,0% во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

Ефектите од работењето за првите шест месеци од 2018 година прикажани погоре, заради компаративна анализа со минатата година се дадени без влијанието на Меѓународниот стандард за финансиско известување 15 Приходи од договори со корисници.