Металуршката компанија Макстил, во период од први јануари до 31-ви декември лани, евидентираше вкупна сеопфатна добивка во висина од 4.301.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

На крајот на 2017 година, компанијата оствари добивка од 1.560.000 денари.

“Добивката пред оданочување во извештајниот период е 6,5 милиони денари и е за 62,5% поголема од остварената во 2017, а нето добивката е 4,3 милиони денари и е за 167% повисока од минатогодишната заради оданочувањето на непризнаените расходи. И за овој извештаен период  се  карактеристични  повремените финансиски интервенции на ационерите за покривање на зголемените трошоци на работење“, стои во Годишниот извештај за работењето на Макстил.

Вкупните приходи од продажба, заклучно со 31-ви декември лани, изнесуваат 6.588.209.000 денари, од нив на домашен пазар отпаѓаат 987.522.000 денари, додека поголемиот дел од 5.600.687.000 денари е остварен на пазари во странство.