McDonald’s се вклучува во борбата со пластичниот отпад со преминувањето од пластични на хартиени цевки за еднократна употреба во рестораните во Велика Британија и Ирска, пишува CNN.

Оваа промена ќе стартува од септември, најверојатно во сите ресторани на американскиот синџир за брза храна, бидејќи тестирањата направени во Британија и Ирска покажале дека клиентите на големо го поддржуваат овој чекор на компанијата.

McDonald’s користи 1,8 милиони пластични цевки секој ден во своите 1.361 ресторани во Британија и Ирска, а од компанијата најавуваат дека комплетната замена ќе биде завршена во 2019 година.

Пластичните цевки за еднокрана употреба се шести најчести типови на отпадоци на глобално ниво, според Litterati, апликација што го идентификува и мапира ѓубрето. Само 1% од цевките се рециклираат, главно поради тоа што се направени од мешавина од полипропилен и полистирен.

Еден милион птици и повеќе од 100.000 морски цицачи секоја година умираат од јадење или се заплеткале во пластичен отпад. А истражувањата покажуваат дека до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку што е тежината на рибите.

Неколку големи синџири за ресторани во Велика Британија, како што се Pizza Express и Wagamama, веќе престанаа да користат пластични цевки, а повеќе од 40 компании, вклучувајќи ги Coca Cola, Nestle, Unilever, Procter&Gamble претходно оваа година ветија намалување на количината на пластика што ја користат и фрлаат.

Серијата на обврски кои се преземаат за да се елиминира пластиката за еднократна употреба е поврзана и со одлуката на Европската унија од минатиот месец. Имено во одлуката се наложува забрана за употреба на 10 пластични предмети – вклучувајќи пластични прибор за јадење, цевки и памук – до 2030 година, во обид да ги исчистат океаните.