Вложувањето во економијата за нега и грижа треба да се зголеми двојно за да се избегне неминовната светска криза во секторот за нега и грижа, се тврди во новиот извештај на МОТ.

Радикалните промени во политиките треба да ја земат предвид растечката потреба за услуги за нега и грижа и да се справат со огромниот диспаритет меѓу обврските за нега и грижа на жените и на мажите.
Статистичките податоци покажуваат дека жените имаат удел што е поголем од три четвртини во времето што се троши на неплатена работа за обезбедување услуги за нега и грижа. Би можеле да бидат отворени околу 475 милиони работни места ако вложувањата во образованието, здравството и социјалната работа се зголемат двојно до 2030 година, се наведува во извештајот.

Според извештајот со наслов Работи на нега и грижа и работни места за нега и грижа за иднината на пристојната работа, 2,1 милијарди луѓе имале потреба од нега и грижа во 2015 година, односно 1,9 милијарди деца на возраст под 15 години и 200 милиони повозрасни лица.

До 2030 година се очекува дека оваа бројка ќе достигне 2,3 милијарди, т.е., ќе има дополнителни 200 милиони возрасни лица и деца. Податоците од 64 земји, што претставуваат две третини од работоспособното население на светско ниво, покажуваат дека 16,4 милијарди часови дневно се трошат на неплатена работа за нега и грижа – што е еднакво на 2 милијарди луѓе што работат осум часа на ден без каков било надоместок. Кога таквите услуги би се вреднувале врз основа на минималната едночасовна заработка, тие би изнесувале 9 проценти од светскиот БДП, односно 11 трилиони американски долари (паритет на куповна моќ во 2011 година).

Жените го поднесуваат најтешкиот удар на неплатената работа за нега и грижа

Според извештајот, жените вршат 76,2% од вкупниот број часови неплатена работа за нега и грижа, што е над трипати повеќе од мажите. Во некои земји, уделот на мажите во неплатената работа за нега и
грижа се зголемил во последните 20 години. Меѓутоа, во 23 земји што обезбедуваат такви податоци, родовиот јаз во однос на времето што се посветува на неплатени обврски за нега и грижа се намалил за само 7 минути на ден во текот на последните две децении.

Извештајот наведува дека неплатената работа за нега и грижа е основната препрека што ги спречува жените да станат и останат дел од работната сила и да напредуваат во неа. Во 2018 година, 606 милиони работоспособни жени изјавиле дека не можеле да го сторат тоа поради неплатената работа за нега и грижа. Само 41 милиони мажи изјавиле дека не биле дел од работната сила поради истата причина.

Извештајот на МОТ и Галуп од 2017 година утврди дека, во светски рамки, мнозинството жени би претпочитале да работат на платени работни места, вклучувајќи ги оние што не се дел од работната сила и дека мажите се согласни со тоа. Исто така, дека најголемите предизвици, што биле идентификувани и од жените и од мажите, за жените што работат за плата била рамнотежата меѓу работните и семејните обврски и недостигот на услуги за нега и грижа по достапни цени.

Потреба за зголемена потрошувачка за услугите за нега и грижа

Извештајот се залага за позитивен и внимателен пристап кон работата за нега и грижа, што би довел до создавање 475 милиони работни места до 2030 година и што повлекува вкупни јавни и приватни расходи за
услугите за нега и грижа во износ од 18,4 трилиони американски долари, или 18,3% од вкупниот проектиран БДП. Таквото вложување би им овозможило на земјите да исполнат неколку од зацртаните резултати во рамките на четири Цели за одржлив развој (ЦОР) на Обединетите нации до 2030 година: ЦОР 3 (здравствена заштита за сите), ЦОР 4 (образование за сите), ЦОВ 5 (родова еднаквост) и ЦОВ 8 (пристојна
работа и економски раст).

Таквата потрошувачка, исто така, би осигурила пристојна работа за денешните 381 милиони работници во секторот за нега и грижа, што вклучуваат 249 милиони жени и 132 милиони мажи. Најголемиот број
работници од секторот за нега и грижа се вработени во образованието (123 милиони) и во здравство и социјална работа (92 милиони). Со вкупно 70 милиони, домашните работници се третата најголема група работници од секторот за нега и грижа.

Извештајот покажа, исто така, дека најголемиот број работници од секторот за нега и грижа се жени, често се мигранти и луѓе што работат во неформалната економија во лоши услови и за мали плати.

Други клучни наоди:

– Вработеноста на мајките на деца на возраст под 6 години ги трпи најтешките последици, при што само 47,6% од нив се вработени;
– неплатените негователи, исто така, се соочуваат со „казна во однос на квалитетот на работата“: живеењето со дете на возраст под 6 години значи загуба на приближно еден час платена работа неделно за жените и зголемување на работното време за плата од 18 минути неделно за мажите;
– жените од одговорности за нега и грижа со поголема веројатност се самовработени, работат во неформалната економија и со помала веројатност плаќаат придонеси за социјално осигурување;
– ставовите кон родовата поделба на платената и неплатената работа за нега и грижа се менуваат но моделот каде што мажот е главата на семејството во голема мера останува цврсто вкоренет во општествата, додека негата и грижата остануваат централните улоги на жената во семејството;
– во 2016 година, само 42% од земјите од вкупно 184 земји со достапни податоци ги исполниле минималните стандарди што се утврдени во Конвенцијата на МОТ за заштита на мајчинството бр. 183;
– во истата година, 39% од земјите од вкупно 184 земји со достапни податоци немале каква било законска одредба за родителско отсуство (платено или неплатено) за татковците;
– во светски рамки, бруто стапката на упис во услугите за згрижување на децата на возраст под 3 години изнесувала само 18,3% во 2015 годија и едвај достигнувала 57 проценти за децата на возраст од 3 до 6 години;
– долгорочните услуги за нега и грижа се речиси непостоечки во најголемиот број земји во Африка, Латинска Америка и Азија.