Креирање на работно место и работни задачи за одредено место, не е лесна работа. Секој работодавец сака повеќе од тоа, а секој вработен сака тоа што се бара.

Но, ако работите во просторија со повеќе луѓе или во тим или во работна заедница, а сте индивидуалец, секогаш има некои работи кои можеби и не се напишани, но се потребни од секого. Најмногу од вработените.

Некои од работите кои никогаш нема да бидат напишани во вашите работни задачи, а е убаво да ги дадете во новата или веќе постоечка работна средина се:

  • Грижа – грижете се за вашето работно место и околината, како што се грижите дома. Како се однесувате дома, така сте и на работното место! Тука спаѓаат и финансиите, кои иако можеби не се директно ваши, сепак имаат влијание и врз вашиот буџет.
  • Помош – бидете несебични во давањето помош за потребите на колегите, која не треба да биде само декларативна. Секогаш на секого може да му се помогне.
  • Енергија – секогаш внесувајте нова енергија во околината, посебно ако сте новодојдени, но и немојте да ја негодувате новата енергија од новите луѓе.
  • Однесување – однесувајте се со луѓето околу вас, како што сакате вие да се однесуваат со вас.
  • Љубопитност – бидете љубопитни и истражувајте. Бидете љубопитни за вашата работа, но и за работата на вашите колеги. Така ќе ги проширите видиците за нови можности.
  • Проактивности – колку и да сте човек кој дава нови идеи и размислувања, бидете повеќе од тоа, но и поттикнувајте ги вашите колеги да го прават истото.
  • Организација – внесувајте новини во вашата организација на работното место и позиција, но и поттикнувајте ги колегите околу вас за подобрување на тимската работа.
  • Атмосфера – поттикнувајте пријатна работна атмосфера во средината. Внесувајте нова енергија, смеење, но ако не сте човек од смеење, барем немојте да го уништувате туѓото смеење.
  • Прашања – прашувајте цело време, но немојте да ги повторувате истите прашања, само затоа што така треба.

Ете, гледате, има безброј работи кои не можат да бидат пишани во вашите работни задачи, но се очекуваат од вас. Едно е најважно, немојте уште од првиот ден да ве прифатат како човек којшто негодува, уништува забава и не се прилагодува во новата средина. Менувајте се и адаптирајте се!

Со успех во промените.