hr1

Во време кога имаме дисбаланс во побарувањата и понудата на работна сила, размената на искуства, идеи, изнаоѓање на решенија , имплементирање на готови модели од успешни приказни се повеќе од неопходни.

По деветти пат, традиционално, Скопје ќе биде центарот на HR случувањата во регионот! На 31 мај и 1 јуни 2017, во хотел Александар Палас, Македонската асоцијација за човечки ресурси овојпат во партнерство со Vrabotuvanje.com, со задоволство ви го најавува одржувањето на најголемата регионална HR конференција, со тема Најдобрите HR решенија за соочување со предизвиците во брзорастечките индустрии!

Со овогодишната тема на конференцијата, целта е да се биде во тек со најжешките HR теми кои ги засегаат подеднакво и менаџерите за човечки ресурси и генералните менаџери на компании кои имаат брзорастечки бизниси, отворен менаџмент пристап и потреба да се секогаш во тек со напредни техники и решенија.

Како да се задржат талентираните вработени? Што е она што повеќе мотивира, плата или функција? Како се станува добар HR менаџер и каде се наоѓа HR позицијата во компанијата? Како компаниите да им обезбедат баланс помеѓу семејниот и деловниот живот на своите вработени, а тоа да не се одрази на квалитетот на сработеното? Како жената го менува својот деловен поглед кога станува мајкa? Што да направите кога вработените со ништо веќе не се мотивираат? Како функционира пазарот на труд во оваа дигитална ера? Кои се последните трендови во регрутацијата и како да се привлечат соодветни профили за отворените работни места? Како да се поттикне растот и развојот на компанијата?…

Лидерски практики, знаења и искуства од врвни HR професионалци, професори и практичари, тренери и консултанти од големи мултинационални  компании, од Франција, Италија, Словенија, Грција, Англија, Хрватска, Турција, Бугарија… преку презентации и панел дискусии ќе го споделат своето лично искуство, кои успеале со своите вештини да ги унапредат вработените во Photobox, DELL, CANAL+ Group, IPSOS, MojPosao, Mercator Ltd, Telekom Slovenije, Mobiltel EAD (M-tel), Actera Group, PLIVA, Mamforce, Coca Cola, Deutsche Telekom, Pfizer, Schindler, Rimac Automobili, L’Oreal Adria, Gruppo Prospecta, Siemens, Vodafone, Unilever… На конференцијата свое предавање ќе одржи и Најдобриот менаџер за човечки ресурси за 2016 во Бугарија, г-ѓа Миглена Узунова-Цекова од компанијата М-тел.

Во рамките на настанот вклучено е HR Експо, како и специјална гала вечер со коктел и забавна програма за доделување на наградата Најдобар HR Менаџер за 2016 година!

Постојаноста, искуството, квалитетот, следењето на новите трендови, континуирана надградба и упорноста е она што нè прави успешни! Повеќе информации за настанот и пријава за учество: http://mhraconference.mk.