Паричната маса (монетарниот агрегат М41), изминатиот месец забележа месечен раст од 0,3%, којшто се објаснува со растот кај депозитните пари и готовите пари во оптек, при истовремен пад кај краткорочните и долгорочните депозити. Годишниот раст на паричната маса изнесува 7,9% и во најголем дел е резултат на
зголемувањата кај депозитните пари и долгорочните депозити коишто објаснуваат 96,2% од годишната промена.

Од НБРМ велат дека кај вкупните депозити, во април е остварен минимален месечен раст од 0,1% којшто целосно произлегува од зголемувањето на депозитите на домаќинствата, во услови на пад на депозитите на корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, забележано е забрзување на растот и во април депозитите се зголемија за 7,5%. Притоа, 75,2% од промената се должи на растот на депозитите на домаќинствата.

Вкупните кредити, минатиот месец, остварија месечно и годишно зголемување од 0,6% и 5,8%, соодветно. Остварениот кредитен раст на месечно и годишно ниво во најголем дел се должи на растот на кредитирањето на секторот домаќинства (учество во растот од 82,7% и 78,1%, соодветно).

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во април бележат месечен пад од 0,9%, заради намалувањето на депозитите во странска валута, само делумно надоместено од растот на денарските депозити. Од друга страна, на годишна основа, депозитите се зголемија за 4,1%, при што најголем придонес кон растот
имаат денарските депозити, т.е. депозитните пари и долгорочните депозити, наспроти намалувањето кај краткорочните девизни депозити.

Кај кредитите на корпоративниот сектор е евидентиран месечен и годишен раст од 0,2% и 2,3%, соодветно. Притоа, кредитниот раст на месечна и годишна основа целосно се објаснува со зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор во денари, во услови на намалено кредитирање во странска валута.

Вкупните депозити на домаќинствата во април бележат нагорна промена на месечна и годишна основа од 0,5% и 8,2%, соодветно. Анализирано од аспект на валутната структура, месечниот и годишниот раст е распределен помеѓу депозитите во денари и во странска валута, но со поголемо учество на денарските
депозити од 51,4% и 58,1%, соодветно.

Кај вкупните кредити на домаќинствата е забележано месечно и годишно зголемување од 1,0% и 9,6%, соодветно, коешто во најголем дел произлегува од растот на денарските кредити (придонес кон растот од 93,1% и 90,1%, соодветно).

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележиме месечен раст од 1,2% и 1,1%, соодветно, којшто на годишно ниво изнесува 11,1% и 15,4%, соодветно.

Автомобилските кредити забележаа месечно намалување од 0,7%, при годишен раст од 0,6%, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија минимално зголемување од 0,1%, во услови на годишен пад од 1,0%. Овој месец, кај негативните салда на тековните сметки е евидентирана нагорна месечна и годишна промена од 0,8% и 2,8%, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, во април бележат месечен раст од 0,8%, додека на годишна основа е забележан пад од 1,2%.