Советот на Народната банка на Република Македонија вчера одржа редовна седница, на којашто беше разгледан и усвоен Годишниот извештај за 2017 година, при што беше утврдено дека и во текот на минатата година, централната банка успешно ги оствари своите законски дефинирани цели. Девизниот курс беше стабилен, а девизните резерви и натаму се во комфорната зона.

Во однос на ценовната стабилност, во 2017 година беше остварен мал раст на домашните цени, во услови на нагорно придвижување на базичната инфлација, делумно заради еднократни фактори и енергетската компонента на инфлацијата, согласно со движењето на светските цени на енергентите. Во текот на минатата година, успешно беше одржана и финансиската стабилност, како дополнителна поддршка во остварувањето на основната цел на Народната банка.

При разгледувањето на Извештајот, на седницата беше истакнато дека амбиентот за спроведување на монетарната политика беше значително поповолен во однос на 2016 година, но со пролонгирана неизвесност од домашниот политички контекст.  Во првите два месеца од 2017 година, централната банка продолжи со нормализирањето на монетарната политика, намалувајќи ја каматната стапка до нивото од пред мај 2016 година, кога како одговор на ефектите од политичката криза, каматната стапка беше зголемена.

Нормализацијата на монетарната политика беше одраз на стабилизирањето на амбиентот и подобрувањето на согледувањата на економските субјекти. Во отсуство на нерамнотежи во економијата и при здрави економски основи, движењата на девизниот пазар видливо се подобрија во втората половина од годината. Неизвесноста и променливоста на движењата беа карактеристика и за надворешното окружување, што дополнително налагаше потреба од претпазливо водење на монетарната политика.

Во Извештајот, меѓу другото, е нагласено дека домашниот политички контекст којшто создаде неизвесност и во 2017 година, беше фактор на ризик и за макроекономските проекции на коишто се заснова монетарното одлучување. Продолжената неизвесност од политичкиот амбиент делуваше  врз растот на БДП, чијашто проекција во текот на годината беше надолно ревидирана. Пролонгираната политичка неизвесност се одрази врз инвестицискиот циклус, со што и покрај стабилниот раст на приватната потрошувачка и зајакнувањето на извозниот сектор, вкупната активност во економијата во 2017 година забележа стагнација.

Гледано од аспект на динамиката, пад на реалниот БДП имаше во првата половина од годината, додека во втората половина домашната економска активност закрепна, бележејќи раст од 0,7% на годишна основа. Значаен извор на растот минатата година беше извозната активност, поддржана од постимулативното надворешно окружување и од активноста на новите производствени капацитети во странска сопственост. Истовремено, поволните трендови во извозниот сектор, заедно со приватните трансфери, придонесоа за значително подобрување на дефицитот на тековната сметка, којшто беше помал од очекувањата.

Постепеното стабилизирање на очекувањата во 2017 година обезбеди натамошен раст на паричната маса и вкупните депозити во банкарскиот систем. Анализирано од валутен аспект, вкупниот депозитен раст во 2017 година главно произлезе од денарските депозити, што го одразува постепеното стабилизирање на очекувањата, на што упатуваат и промените од аспект на рочната структура на депозитната база, со натамошно зголемување на придонесот на долгорочните депозити. Кредитната активност и натаму растеше, со поволни поместувања од секторски аспект во полза на зајакнато кредитирање и на корпоративниот сектор.

Годишниот извештај содржи осврт и на останатите активности на Народната банка. Во 2017 година Народната банка и натаму го јакнеше институционалниот капацитет, преку натамошни активности во доменот на унапредување на активниот пристап на управување со девизните резерви, изврши надградба на платниот систем МИПС на НБРМ за плаќања и во евра, работеше на усвојување стандарди во различни сфери од работењето, вклучително во делот на статистиката, платните системи, управувањето со оперативните ризици, како и сигурноста на информацискиот систем. Исто така, продолжија активностите за натамошно унапредување на транспарентноста, односите со јавноста и финансиската едукација.

На денешната седница, Советот го усвои и Извештајот за ризиците на банкарскиот сектор во 2017 година, при што беше заклучено дека домашните банки, минатата година, работеа во услови на нестабилна политичка состојба во земјата и на намалена економска активност, особено во првото полугодие, но банкарскиот систем ја одржа својата стабилност и сигурност. Меѓу другото, при разгледување на Извештајот беше истакнато дека непредвидливото домашно окружување влијаеше врз согледувањата на домашните економски субјекти и придонесе за нивно воздржување од инвестициски активности, што неминовно се одрази и врз скромниот годишен раст на вкупните средства на банкарскиот систем од 3,9%. Незначителниот раст на вкупните активности на банките е одраз на динамиката на депозитите на нефинансиските субјекти како главен извор на финансирање на домашните банки, коишто во првата половина од годината бележеа стагнација, додека во втората половина го обновија нивниот раст. На седницата беше потенцирано дека тоа претставува јасен знак за позитивната спрега меѓу стабилизирањето на политичкиот амбиент и стабилизирањето на очекувањата на економските субјекти. Но, беше одбележано и дека сепак, заживувањето на депозитниот раст во втората половина на годината сѐ уште не е со обем што би можел целосно да ги надомести стагнантните движења во претходниот речиси двегодишен период на политичка нестабилност.

Според Извештајот, депозитите на населението се носител на растот на вкупните депозити во 2017 година, при малку посилен раст на денарските, во споредба со девизните депозити. Во услови на присутна претпазливост на домашните нефинансиски субјекти при носењето инвестициски или потрошувачки одлуки и следствено, нивна намалена побарувачка за кредити во првата половина од 2017 година, банките, сепак, одржаа задоволителна динамика на кредитната активност. Кредитниот раст во текот на минатата година главно произлезе од зголемената кредитна поддршка на банките на домаќинствата, којашто придонесе со речиси три четвртини во вкупниот годишен раст на кредитите на нефинансиските субјекти. Кредитната поддршка за корпоративниот сектор, иако беше послаба во споредба со кредитирањето на домаќинствата, сепак забележа забрзување во однос на 2016 година. Валутната трансформација на кредитното портфолио на банките продолжи и во минатата година, што се согледува преку растот на денарските кредити, при годишно намалување на девизните кредити.

Податоците од Извештајот укажуваат дека во 2017 година, вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем забележаа мал раст, за 2%, главно поради побрзиот раст на нефункционалните кредити на нефинансиските друштва. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на годишна основа благо се  намали и на крајот од 2017 година изнесува 6,3%.

На седницата беше нагласено дека ликвидноста на банкарскиот систем е задоволителна. Профитабилноста на банкарскиот систем, иако растеше побавно во споредба со претходните години, и натаму е висока. Притоа, за разлика од претходните неколку години кога нето каматните приходи имаа најголем придонес во растот на добивката на банките, во 2017 година најголем придонес во зголемувањето на добивката имаа некаматните приходи.

При разгледувањето на Извештајот, Советот утврди дека банкарскиот систем на Република Македонија и во 2017 година успешно ја одржуваше својата солвентност. Капиталните позиции на банките забележаа побрз раст, во споредба со активата пондерирана според ризиците, главно поради реинвестирањето на дел од добивките на банките и од издавањето нови субординирани инструменти. Ова овозможи зголемување на показателите за солвентноста, при што стапката на адекватност на капиталот на крајот од годината изнесуваше 15,7%, или повеќе за половина процентен поен во споредба со крајот на 2016 година.

Банките во 2017 година се усогласија со новите регулаторни барања во поглед на структурата на сопствените средства и заштитните слоеви на капиталот. Релативно високиот износ и квалитет на сопствените средства со кои располагаа банките им овозможи овој процес на усогласување со новите капитални барања да го поминат без поголеми ограничувања во активностите или потреба од позначителни нови докапитализации. Со ова, и во домашниот банкарски систем е применета една од поважните компоненти на меѓународната спогодба Базел 3.

Советот ја разгледа и Информацијата за управување со билансот на Народната банка на Република Македонија за периодот 2011-2017 година, во која се констатира дека и покрај бројните и силни предизвици коишто во тој период доаѓаа од надворешното и од домашното окружување, централната банка успешно го оствари одржувањето на ценовната стабилност преку одржување на стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност во земјата, а притоа ја задржа својата финансиска независност преку ефикасно управување со својата актива и пасива.

Во Информацијата е укажано дека во рамки на седумгодишниот период е остварен позитивен финансиски резултат за распределба, што придонесе за градење на општите резерви и одржување стабилна капитална позиција, а се кумулираа и резерви за специјална намена и се извршија годишни дивидендни уплати во буџетот на Република Македонија. Притоа, меѓу другото, беше истакнато дека одржувањето стабилна финансиска позиција е одраз на заложбите на Народната банка за ефикасно извршување на нејзините задачи. Како резултат на активниот пристап и на здравиот и прудентен финансиски менаџмент, во изминатите седум години, постигната е подобрена ефикасност во речиси сите сфери на делување на Народната банка, со позитивни влијанија врз билансот и финансискиот резултат, со што се придонесе за зачувување на финансиската независност, кредибилитетот и репутацијата на централната банка, што претставува основа за ефикасно извршување на нејзините функции и во следниот период.

На денешната седница, Советот ја донесе Одлуката за методологијата за управување со ризикот од перење пари и финансирање тероризам. Со оваа одлука, којашто се однесува и на деловните банки и на штедилниците, се остварува усогласување со промените на меѓународните стандарди и со регулативата на Народната банка во делот на корпоративното управување и во делот на управувањето со ризиците. Со неа се дефинирани минималните стандарди за одредување на нивото на инхерентен ризик и адекватна поставеност на системот на внатрешна контрола, што подразбира преземање соодветни мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Истовремено беше донесена и Одлуката за методологијата за сигурност на информативниот систем на банката, со која Народната банка има за цел да направи дополнување на воспоставениот процес на информативна сигурност кај деловните банки преку вградување на најдобрите практики утврдени од страна на европските регулаторни тела во периодот од 2008 до 2017 година. На потребата од оваа одлука укажаа сознанијата стекнати од теренските контроли за оценка на ИТ-ризиците извршени во изминатите девет години и анализите спроведени во Република Македонија и во регионот.