Во април 2019 година, забрза растот на паричната маса (монетарниот агрегат М3). На месечна основа тој изнесува 2,1% и е резултат на зголемувањето кај сите компоненти со најголем придонес на депозитните пари (учество од 59,6%), по што следуваат краткорочните депозити и готовите пари во оптек. Годишната стапка на раст на паричната маса изнесува 12,2% и во најголем дел е резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити (придонес од 85,2%), а во помал дел и на готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години, стои во соопштението на НБРМ.

Вкупните депозити во април, остварија зголемување на месечно и годишно ниво од 1,9% и 13,1%, соодветно, при раст на депозитите кај двата сектора, малку поизразен кај секторот “домаќинства“ (учество во вкупниот раст од 48,6% и 50,6%, соодветно во промената).Во април, вкупните кредити забележаа месечно зголемување од 0,5%. Кредитниот раст на месечно ниво произлегува од зголемувањето на
кредитирањето на двата сектора, што е малку поизразено кај секторот “домаќинства“ (учество во вкупниот раст од 54,0%).

На годишна основа вкупните кредити се зголемија за 8,9%, исто така, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коишто остварија речиси подеднакво учество во промената.Вкупните депозити на корпоративниот сектор овој месец бележат раст од 3,3% на месечна основа, главно како резултат на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал придонес на долгорочните депозити во странска валута и во денари, наспроти малиот пад на краткорочните
депозити во денари.

Стапката на годишен раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 16,9% и во најголем дел се објаснува со зголемувањето на депозитните пари и на краткорочните депозити во странска валута, но исто така,мал раст има и кај краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута и во денари.

Кај кредитите на корпоративниот сектор во април, е евидентирано месечно зголемување од 0,4%, коешто се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор во денари, во услови на мал пад кај кредитирањето во странска валута. Споредено на годишна основа, кредитите на корпоративниот
сектор забележаа раст од 8,5%, што во поголем дел се објаснува со зголеменото денарско кредитирање (учество од 77,9%). Во април 2019 година, вкупните депозити на домаќинствата се зголемија за 1,4% на месечно ниво, главно одразувајќи го растот на депозитните пари (91,0% придонес во растот). Годишниот раст изнесува 9,6% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари и во странска валута.

Вкупните кредити на домаќинствата во овој месец остварија месечно и годишно зголемување од 0,5% и 9,3%, соодветно. Според валутната структура, зголемената кредитна активност на домаќинствата во поголем дел произлегува од кредитите одобрени во денари (со придонес од 57,9% и 71,6% кон месечниот и годишниот раст, соодветно). Во април, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките
лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити забележаа месечно зголемување од 1,2% и 0,7% соодветно, при годишно зголемување од 10,9% и 13,2%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити забележаа месечно зголемување од 1,2%, при годишен раст од 2,4%, додека кредитите одобрени на кредитни картички на месечно и годишно ниво остварија намалување од 0,2% и 0,7% соодветно.

Во април, негативните салда на тековните сметки бележат месечно намалување од 6,0%, а на годишна
основа се зголемени за 1,1%, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 0,9% и 7,8%, соодветно.

Фото: Pixabay