НЛБ Банка во период од први јануари до 30-ти септември оваа година евидентираше добивка во вредност од 1.857.410.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Во анализираниот период, банката оствари нето добивка во износ од 1.857.410.000 денари, што е повисоко за 21,5% во однос на истиот период од 2017 година и 47,7% над планот за истиот период, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија, засилен финансиски сервис за корпоративните клиенти, подобрување на наплатата и намалување на портфолиото на нефункционални побарувања и на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите“, стои во Анализата на финансиските резултати.

Нето приходите од камати, заклучно со 30-ти септември, достигнаа ниво од 2.204.797.000 денари, додека истиот период лани, изнесуваа 2.142.861.000 денари.

“Нето каматните приходи, заклучно со 30.09.2018 година се повисоки за 2,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 0,3%, главно поради повисоки каматни приходи од кредитите на нефинансиските правни лица и население, додека расходите по камати се пониски за 11,1% главно поради пониски расходи за камата кај население и банки. Во однос на планот, нето каматните приходи се повисоки за 2%“, стои подолу во Анализата.

Нето приходите од провизии и надоместоци во пресметковниот период имаа вредност од 778.988.000 денари.