Се сеќавате на вашиот прв работен ден? Сигурен сум дека не бил многу интересен и лесен, но сега, од оваа перспектива, сигурно се смеете на тој ден и на тоа како сте биле изгубени и „уплашени” од промените кои ќе се случат. Промените се многу важни, како за вас, така и за компанијата што ве вработила.
Но, знаејќи како ви било вам на тој ден, може да претпоставиме како ли им е на новите колеги кои доаѓаат кај вас на работа. Знаејќи што ви правеле и како вам ви помогнале да се снајдете во новата средина, тогаш гледајте и вие да им помогнете на новите колеги да се снајдат.

Според некои статистики, најголемиот број од новодојдени колеги мислат дека првите денови на новата работа се наменети за ориентациони програми, запознавање на колегите и нивната работа, запознавање со канцеларијата и редот и правилата во компанијата… Но што е најчесто запоставено и заборавено е чувството на новиот колега да се почувствува добредојдено, ценето и прифатен од околината. Имајте на ум дека имате само една шанса да го направите ова, па затоа, еве ви неколку совети од лично искуство:

  • Прва комуникација – пред да почне со работа, контактирајте го колегата за да видите кога точно започнува со работа. Тоа ви е прва можност на кратко да го запознаете со основни правила, но и да дефинирате точен временски период кога ќе дојде. Тоа може да го споделите со другите колеги, за да знаат.
  • Добредојде – задолжете личност, најчесто некоја која претходно се има сретнато со новиот колега, која ќе го пречека и ќе го запознае новиот колега со останатите колеги. Тоа е првиот момент на запознавање и гледајте да биде што е можно попријатно.
  • Ментор/постар колега – имајте задолжено постар колега кој ќе го води новиот колега низ целиот процес. Тој/таа треба да биде еден вид ментор за наредниот период. Дефинирајте го тој период и обврски во него како со постариот колега, така и со новиот. Со тоа дефинирате и некои очекувања од новиот колега.
  • Настан – доколку ситуацијата овозможува, направете уште првиот или меѓу првите ден/ови настан на кој ќе го презентирате новиот колеги пред другите колеги. Известете го новиот колега за тоа, можеби сака да биде подготвен за сопствено претставување.
  • Технички работи – претставете го работно место на новиот колега и запознајте го со сите работи кои му се потребни за нормално негово/нејзино функционирање. Доколку ги имате сите потребни информации претходно, сетирајте е-маил, компјутер и други технички работи кои му/ѝ следуваат.
  • Документи – споделете ги сите потребни иницијални документи кои новиот колега треба да ги има, знае и прочита (правила, процедури, процеси и друго). Ако договорот не е претходно дефиниран, дефинирајте го во краток период и нека биде потпишан што е можно побргу.
  • Работни обврски – во зависност од степенот на претходно искуство, давајте му/ѝ на новиот колега уште веднаш работни обврски кои се дефинирани со работното место. Потребно е што побргу да се вклопи во средината и во работните обврски, затоа што само така ќе се почувствува како важен дел од тимот и компанијата.

Впечатоците што ги формира новиот вработен, во текот на првите неколку дена како и период на вклопување во новата средина, ќе има огромно влијание врз него/нејзе. Колку се тие подобри, толку е поголемо задоволството кај новите колеги, но и нивното влијание во понатамошниот развој на вашиот тим и компанија.

Со успех во промените.