Фото: Pexels

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе Одлука за определување максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓаните за купување велосипеди за 2018 година, се вели во официјалното соопштение.

Со оваа одлука е предвидено максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице да биде 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход.

Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди за 2018 година, што е во фаза на подготовка, е тоа што оваа година Градот Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби.

Градот Скопје ќе субвенционира 50% од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Оваа година ќе бидат издвоени 10 милиони денари за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, од кои 9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, а 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби.