На 26 септември 2018 година во Народната банка на Република Македонија се одржа 30-та сесија на Клубот на истражувачи, на која по поздравното обраќање на гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: Финансирање на малите и средните претпријатија преку банкарскиот сектор во Република Македонија ‒ резултати од анкетно истражување од Тања Јакимова и Неда Поповска-Камнар и Трансмисискиот механизам на монетарната политика во Македонија преку каналот на преземање ризици: наоди од податоците од Кредитниот регистар од Мите Митески, Ана Митреска и Михајло Васков.

Првиот труд, кој во име на двете авторки, на сесијата го презентира Тања Јакимова, содржи анализа на резултатите од анкетното истражување за финансирањето на малите и средните претпријатија преку банкарскиот систем во Република Македонија, спроведено од страна на НБРМ. Целта на истражувањето е да се согледаат факторите коишто влијаат врз пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија во Република Македонија, од аспект на понудата на кредити од банките, како и предизвиците со кои се соочуваат домашните банки во процесот на кредитирање на овој сектор. Резултатите од анкетното истражување спроведено кај банките, укажуваат дека пазарот за кредитирање на малите и средни претпријатија е голем, конкурентен, не многу заситен и со многу позитивни изгледи.

Во рамки на презентацијата на трудот беше потенцирано дека главниот двигател за поголемо вклучување на банките во понудата на кредити на малите и средните претпријатија е профитабилноста и добрата перспектива на овој сектор. Истовремено, беше даден подетален осврт и на резултатите од истражувањето коишто упатуваат на присуство на одредени фактори поврзани со малите и средни претпријатија, како што се слабиот квалитет на финансиските извештаи и недостатокот на соодветно обезбедување, коишто го отежнуваат процесот на нивно кредитирање преку банкарскиот сектор во Република Македонија.

Пред присутните на сесијата беше изнесен и генералниот заклучок од анализата дека пристапот до финансирање за малите и средните претпријатија преку банките треба и натаму да се подобрува, со што ќе се зголемува и нивниот придонес во поддршката на растот на економијата.

Во вториот презентиран труд беа изложени согледувањата и заклучоците од емпириското испитување на монетарната трансмисија во Македонија преку каналот на преземање ризици. Ова испитување е и прв обид да се оцени функционирањето на каналот на преземање ризици во нашава земја, со користење на микроекономски податоци за кредитирањето на корпоративниот сектор добиени од Кредитниот регистар на НБРМ.

Презентирајќи го трудот во име на тројцата автори, Митески посочи дека резултати добиени од емпириското испитување покажуваат дека постои инверзна врска помеѓу каматната стапка на НБРМ и кредитниот рејтинг којшто банките ex ante го доделуваат на секој поединечен новоодобрен кредит. Ваквата поврзаност укажува на присуство на каналот на преземање ризици при спроведувањето на монетарната политика. Но, и покрај статистичката значајност, економската важност на оваа врска е релативно мала, што е во склад со наодите од истражувањата за другите земји каде што исто така е утврдено неговото постоење.

Во рамките на трудот е истражено и прашањето дали ефектот од каматната стапка врз ризиците што ги преземаат банките зависи од нивото на капитализираност, а заклучокот е дека помалку капитализираните банки преземаат поголеми ризици во услови на олеснување на монетарната политика, иако разликата во однос на ризиците што ги преземаат покапитализираните банки е минимална.

На крајот од излагањето беше посочено дека истражувачките резултати синтетизирани во овој труд се релевантни за носителите на политиките и придонесуваат за подобро разбирање на функционирањето на трансмисискиот механизам на монетарната политика во Република Македонија.

Во завршницата на сесијата, поттикнати од изнесените видувања и заклучоци, присутните на сесијата дискутираа за повеќе прашања и аспекти на темите на двата презентирани труда.

Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во декември годинава.