Окта го одржа високиот обем на продажба и пазарен удел во третиот квартал од 2018 година, додека забележа намалена профитабилност пред сè поради повисоките дисконти кои се резултат на промените во структурата на плаќање. Ова беше делумно неутрализирано со позитивниот ефект од залихите постигнат со нагорниот тренд на меѓународните цени на горивото, како и со поволниот ефект од активностите за оптимизација на трошоците, стои во соопштението.

Прилагодената ЕБИТДА во третиот квартал од 2018 година достигна 122 милиони денари, што заостанува зад 169 милиони денари остварени во третиот квартал на 2017 година, главно поради повисоките дисконти произлезени од веќе споменатите причини. На деветмесечно ниво, прилагодената ЕБИТДА, движејќи се со ист тренд, изнесува 274 милиони денари, споредено со 413 милиони денари за истиот период минатата година. Приходите од продажба достигнаа 20.096 милиони денари, што е повисоко во споредба со истиот период од 2017 година (16.674 милиони денари), како резултат на повисоките меѓународни цени на горивото. Прилагодената добивка пред оданочување, во третиот квартал од 2018 година, не земајќи ги предвид еднократните ефекти, изнесува 83 милиони денари, што е пониско во споредба со 144 милиони денари остварени во истиот период минатата година. Тоа главно се должи на веќе споменатиот ефект од повисоките дисконти кои се резултат на промените во структурата на плаќање, што во одредена мера беше неутрализирано од позитивниот ефект од залихите, постигнат преку нагорниот тренд на меѓународните цени на горивото и оптимизација на трошоците. Во слична насока се движи и прилагодената добивка пред оданочување за девет месеци, достигнувајќи пониско ниво во споредба со истиот период минатата година, поради веќе споменатите причини.

Ликвидноста, како резултат на промените во структурата и динамиката на плаќања, останува на рекордно високо ниво, што на компанијата и обезбеди да ги извршува своите оперативни активности без притоа да ги употреби кредитните линии кои ги има на располагање.

Во текот на третиот квартал од 2018 година, Окта продолжи со својата посветеност кон општествено одговорните практики, фокусирајќи се особено на безбедноста во сообраќајот и поддршката на образованието. Во таа насока, во текот на септември, како дел од кампањата Јас внимавам, беа донирани речиси 7.000 рефлектирачки приврзоци на првачињата во сите 76 основни училишта во Скопје.

Продолжувајќи ја минатогодишната иницијатива, Окта потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот Св. Кирил и Методиј за доделување десет стипендии за втор циклус студии и во 2018 година. Во изминатиот период, компанијата и нејзините вработени учествуваа во повеќе хуманитарни активности, како што e трката за поддршка на заболените од Вилсонова болест Подај рака, а исто така го одбележаа и Светскиот ден за борба против глад.

Раководството на Окта внимателно ги следи предизвиците и состојбите и преку проактивно планирање, постојано има за цел да обезбеди редовно и непречено снабдување со горива со највисок квалитет на локалниот и соседните пазари, додека во исто време продолжува да ја движи компанијата напред преку искористување на можностите за натамошно подобрување на деловните резултати и зголемување на оперативната ефикасност.