Pizza Hut и Toyota создадоа возило со нула емисија на штетни гасови, што прави и доставува пици во исто време. Tundra PIE Pro е еден вид на мобилна кујна за пици на тркала, којашто вклучува фрижидер, две роботски раце управувани од компјутер и подвижна рерна.

Како и комбето така и сите елементи во “кујната“ ги придвижува електричен мотор на водород, а процесот на правење на пиците трае шест до седум минути.

За потребите на еко возилото беше употребен автомобилот на Toyota Tundra SR5, којшто откако се расклопи повторно беше монтиран за да одговара на новата улога. Моторот на бензин, исто така, беше заменет со електричен погон на водород, адаптиран од моделот Toyota Mirai.

Кога пицата ќе биде порачана, едната роботска рака го отвора фрижидерот и ја вади одбраната пица. Потоа ја става во рерната и го затвора фрижидерот. На другата страна втората рака ја вади готовата пица, ја става на штица за сечење и ја дели на шест еднакви парчиња. Потоа ја пакува и ја испорачува на нарачателот.

Фото: Toyota