На кампусот технички факултети, официјално беше отворен шестиот Саем за вработување и пракса Контакт 2019. Саемот се состои од едукативен и саемски дел, стои во соопштението.

“Организацијата на овој Саем е добра можност компаниите, во најдобро светло, да се прикажат пред студентите со сите свои можности за вработување и пракса. Од друга страна, студентите имаат можност да ги покажат своите биографии и вештини и на овој начин, да најдат заеднички интерес за вработување, пракса или каков било вид соработка. УКИМ секогаш ги поддржува ваквите настани каде има можност за интерактивна комуникација меѓу студентите и компаниите“, порача ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски.

Ректорот, во своето обраќање на свеченото отворање, потенцираше дека, според анализите, досега има повеќе од 150 успешни приказни на вработување во компании од страна на студенти кои биле на пракса и ги усовршиле своите знаења и вештини.

За деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Димитар Ташковски, Контакт 2019 е успешна идеја и добитна комбинација во која Факултетот учествува уште од самите почетоци.

“Со овој настан, компаниите први стигнуваат до студентите. Исто така, студентите имаат можност да реализираат практична работа во овие компании. Наш интерес е да се остварува оваа комуникација меѓу студентите и компаниите“, рече Ташковски.

Продеканката за финансии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, професор д-р Весна Димитриевска објасни дека овие настани, значат можност за надополнување на теоретското со практично знаење и дека бенефитот од нивната организација го чуствуваат и двете страни.

Ања Дамеска, во име на Организациониот одбор, рече дека на овој Контакт 2019 година се присутни 23 компании и бизнис акцеларатори а новитет е и изложбата на автомобили од компанијата Порше Македонија во дворот на техничките факултети.