Учениците кои завршиле или минале дел од своето образование во меѓународното училиште Нова се поврзаа во единствена алумни организација преку која ќе помагаат во реализацијата на различни проекти во училиштето, но и во проекти значајни за целата заедница. Генералното собрание за основање на Алумни асоцијацијата на Нова се одржа викендов, со што оваа организација, која порано функционираше на неформален начин, сега стана и официјална.

Меѓународното училиште Нова има повеќе од 5.000 алумни (ученици кои посетувале дел од своето основно или средно образование во ова училиште) кои ќе може да станат дел од Алумни асоцијацијата. Од Нова истакнуваат дека примарна цел на оваа асоцијација е да служи како платформа за поврзување меѓу алумните и училиштето, односно да ги обедини поранешните ученици во поддршка на мисијата и визијата на ова училиште. Во исто време, оваа организација ќе претставува платформа преку која ќе се вмрежуваат и комуницираат поранешните ученици со своите пријатели од училишните денови, со соучениците, но и со наставниците, за да може сите заеднички да помогнат во ефикасна реализација на различни проекти.

“Алумни асоцијацијата ќе организира проекти и активности насочени кон поддршка и натамошен развој на училиштето, но истовремено ќе бидат насочени и кон подобрување на условите во локалната заедница во која ова училиште функционира. Нова и Алумни асоцијацијата на училиштето веруваат дека за да ги остварат своите цели, пред сѐ мораат да ѝ служат на пошироката заедница и нејзиниот интерес“ – велат од Нова.

Од училиштето истакнуваат дека Нова не може да функционира независно од своето опкружување и може да се подобри само преку вложување во средината во која опстојува. Поради тоа, создавајќи ја алумни асоцијацијата, Нова инвестира во подобрување на локалната заедница, но и на целото општество.