Фото: Pexels

Старт – ап со седиште во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), со помош на вештачка интелигенција им помага на учениците полесно да го совладаат материјалот и овозможува ново искуство во образованието, пишува News8000.

Alef Education, којшто функционира четири години, ја имплементираше оваа дигитална образовна платформа во десетина училишта во Абу Даби и во уште еден град во ОАЕ.

Стартапот доби поддршка од владините институции и сега 25.000 ученици во вкупно 57 јавни училишта ги користат бенефитите од платформата.

Таа се фокусира на поважните предмети како математика, наука и англиски јазик. Со помош на вештачка интелигенција, учениците учат материјал скроен според нивните потреби. Освен тоа, на учениците, наставниците и родителите им дава увид во реално време за случувањата и се прилагодува кога треба.

Времето што учениците го поминуваат пред екраните е ограничено на три и половина часа дневно, а по часовите се прават практични сесии со специјализирани вежби, каде што децата интерактивно комуницираат со гестикулации.

Alef Education планира оваа платформа да ја адаптира за повеќе земји, а нивните амбиции за следните 10 години се да го подобрат образованието на милијарди млади во светот.