Приходите од туризмот во Хрватска во првото тромесечје изнесувале 450,2 милиони евра, што е за 14% или 54,3 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, информираат од Хрватската народна банка, а пренесува SeeBiz.

Според објавените податоци, туризмот има удел од 4% во хрватскиот БДП, што е раст од 0,2% споредбено со минатогодишните податоци од првото тромесечје.

Ваквиот напредок во Хрватска се коментира како голем исчекор во целокупниот јавен и приватен сектор во однос на конкурентниот целогодишен туризам.

Надлежното министерство вели дека овој раст е доказ за создавање нови и квалитетни понуди, па оттука и континуираното зголемување на приходите во текот на целата година.

Годинава во хрватскиот туризам ќе се вложат севкупно една милијарда евра, што сосема сигурно ќе стимулира и дополнителен приход и заработка за сите страни.