Вчера во Скопје беше промовиран концептот за овластен економски оператор (ОЕО) во Република Македонија, како и неговото значење за економските оператори. Настанот го организираше Царинската управа на Република Македонија во соработка со Проектот за УСАИД за регионален економски раст.

Статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Оваа работилница претставува прва од активностите што Царинската управа на Република Македонија планира да ги спроведе до крајот на годинава и претставува исклучителна можност за градење на партнерски односи помеѓу носителите на политиките – Владата, Министерството за финансии, Царинската управа и претставниците на приватниот сектор што учествуваат во царинското работење и логистичкиот бизнис.

Стекнувањето на статусот Овластен економски оператор претставува сертифицирање на трговското друштво како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување.

Исто така, ОЕО е клучна активност што е предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција на земјите од Западен Балкан усвоен на Самитот во Трст.

Со цел промовирање и користење на статусот на ОЕО во регионални и глобални рамки, Царинската управа, со поддршка на Проектот на УСАИД за регионален економски раст и во следниот период ќе организира вакви настани насочени кон запознавање на деловната заедница со концептот на ОЕО.