Во германскиот град Потсдам успешно беше изведено тест возење на трамвајот Combino, којшто е првиот самоуправувачки трамвај во светот, пишува New Atlas.

Неговото “деби“ во сообраќајот беше дел од презентација во рамки на InnoTrans 2018, саем за транспорт, којшто се одржува близу Берлин.

Combino е инаку дело на компанијата Siemens и ја има истата технологија што е вклучена во нивните самоуправувачки автомобили. Алгоритмите со вештачка интелигенција овозможуваат трамвајот да распознава пречки, сигнали и самостојно да реагира доколку има опасност.

За време на презентацијата беше изведена и тест-проба, каде што трамвајот “наиде“ на бебешка количка и успешно ги активираше кочниците.

За да го креира ова возило Siemens соработуваше со германската компанија за транспорт ViP. Партнерите ја продолжуваат соработката со научници од универзитетот во Карлсруе за понатамошно развивање на системите, како и разгледување на потенцијалот за комерцијална употреба на ваков вид на транспорт.