Фото: Tesla

Еден од директорите на Tesla, Робин Денхолм ќе дојде на местото од Илон Маск, односно ќе стане претседател на Одборот на директори во компанијата, јавува Forbes.

Со оваа одлука ќе биде исполнето барањето на американската комисија за хартии од вредност, што произлезе од изјавите на Маск во однос на приватизирање на компанијата.

Денхолм се придружи на Одборот во Tesla во 2014 година, а според компанијата, “таа е независен извршен директор кој ги познава аспирациите за проширување во делот на автомобилизмот и бизнисот со енергија“.

Со прифаќање на новата позиција, таа ја напушта нејзината улога како главен финансиски директор и шеф на стратегија за австралиската компанија Telstra Corp. со цел целосно да се посвети на Tesla.

Потегот доаѓа пред истекот на крајниот рок, следната недела, којшто наложуваше Маск да ја напушти позицијата на која што беше од 2004 година. Тој ќе остане во Одборот, но компанијата мора да додаде два нови независни членови до крајот на годината.