Фото: Pexels

Блог претставува онлајн магазин што прикажува низа текстови по обратен хронолошки распоред (од најнови кон постари). За разлика од традиционалните интернет страници, коишто се фокусираат на единствена интеракција со читателот, блогот нуди можност за поголема и поширока интеракција со читателите во исто време.

Блогот може да биде личен (корисникот може да пишува за свои доживувања, искуства, мислења и ставови) или бизнис (служи за претставување на производите или услугите што ги нуди компанијата и овозможува директен контакт со корисниците). На интернет може да се сретнат блогови на коишто може да се прочитаат најразлични теми, но има и такви коишто се специјализирани за една област.

Блогот може да биде моќна алатка за онлајн маркетинг. Најчесто зад тастатурата седи фриленсер или претприемач кој пишува за услугите што ги нуди, на ненаметлив начин, давајќи совети поврзани за одредена тема.

Вообичаено, блоговите може да се користат за пишување: вести, огласи за работа, изнесување лични ставови и искуства, поставување различни туторијали или водичи или место на коешто може секој да го каже својот став на различна тема.

За да може да се менаџира со профитабилен блог, којшто на сопственикот би му донел одредена заработка, мора предвид да се земат неколку основни елементи: да се задржи фокусот на темата; да се изгради препознатлив бренд којшто ќе биде препознаен од читателите; да бидете иновативни и да привлечете поголем број на читатели и слично.

Бизнис блоговите претставуваат евтин и едноставен начин за промоција на една компанија. Квалитетниот блог овозможува поголема информираност на клиентите, да ја зголемат продажбата на производот или услугата, да допрат до нови пазари и да ја зголемат вредноста на брендот. Она што е важно е темите да бидат лесни за читање, прилагодени на целната публика, да информираат, да помогнат во решавање на одредени недоумици и зголемена вредност за читателот.

Еден текст на блог би требало да ги има сите основни елементи, како што наслов, поднаслов, вовед, централен дел и заклучок. Треба да се води сметка да не биде премногу краток и празен, ниту да биде премногу долг и здодевен за читање.

Целта на блогот е да поттикне двострана комуникација, односно со дадената тема да поттикне дискусија којашто може да даде добри насоки или резултати.