Фото: Pixabay

Поимот copywriting нема адекватен превод на македонски јазик, па вообичаено се толкува како креативно пишување. Но, станува збор за специфичен начин и стил на пишување наменет за одреден пазар, група на потрошувачи и слично.

Тоа претставува умешност на пишување и изразување, создавање кратки и привлечни пораки упатени кон клиентите, на основа на кои брендот ќе биде препознатлив. Со добра порака, компанијата ќе ја придобие лојалноста и симпатиите на целната група на потрошувачи.

Задача на copywriter-от треба да биде составување на промотивна порака, маркетинг џинглови наменети за радио, телевизиски реклами, огласи во печатени медиуми, електронска пошта, банери, ПР текстови, каталози, билборди, летоци, соопштенија за јавност и слично.

За разлика од писателите и новинарите, copywriter-от обично пишува на тема што се однесува на работата на клиентот. Тоа може да биде текст што има за цел да промовира одреден производ или услуга, но и да ја едуцира публиката преку блог, онлајн магазин…

Некои од овие експерти работат од дома, додека некои се ангажирани од страна на маркетинг агенции или поголеми компании. Оние кои ќе одлучат да работат од дома, имаат можност да изберат за која компанија ќе работат или на која кампања ќе бидат ангажирани.