Фото: Pexels

Постојат повеќе видови даночни системи:

Прогресивен даночен систем

Во системот за прогресивна даночна стапка, поединците со повисок приход плаќаат повисок процент на данок со пораст на приходот. Во овој случај, маргиналната даночна стапка би била повисока од просечната даночна стапка. Овој систем е дефинирам како метод за намалување на нееднаквоста во општеството. Повеќето економии ширум светот користат прогресивен данок за да ги проценат даноците за индивидуалните приходи.

Пропорционален даночен систем

Во пропорционален систем на даночна стапка, секој плаќа еднаков дел од неговиот или нејзиниот приход како данок. Даночната стапка не се менува со зголемување или намалување на приходот. Овде, просечната даночна стапка е еднаква на маргиналната даночна стапка. Овој систем постои во Летонија и Русија, и се смета дека е повеќе “фер” и полесен за управување за секого. Некои држави во САД, како Колорадо, Јута и Мичиген, наметнуваат пропорционален данок на доход за поединци.

Регресивен даночен систем

Регресивен данок е данок кој резултира со намалување на даночната стапка како што се зголемува износот што подлежи на оданочување. Во системот на регресивна даночна стапка, поединците со пониски примања плаќаат поголем дел од својот приход како данок. Овде маргиналната даночна стапка е пониска од просечната даночна стапка. Секој данок над кој не се платени даноци се регресивни даноци.

Даночниот систем во Македонија

Во 1994 година отпочнува првата реформа на даночниот систем на Република Македонија со новиот Закон за персонален данок на доход (ЗПДД), Законот за данокот на добивка (ЗДД), Законот за даноците на имот, и кога отпочнува да функционира Управата за јавни приходи (УЈП) како институција надлежна за утврдување, наплата и контрола на даноците во Република Македонија за сите даночни обврзници.

Како најголема реформа на македонскиот даночен систем се смета воведувањето на данокот на додадена вредност на 01 април 2000 година (ДДВ-то го заменува претходниот данок на промет на производи и услуги) и новиот систем на оданочување на добрата подложни на акциза во 2001 година.

Со донесување на процесниот Закон за даночна постапка во 2006 година се регулира општото даночно право и даночната управна постапка, постапката на утврдување на данокот, постапката на контрола, постапката на наплата на јавните приходи, правата и обврските на даночните обврзници, постапката по жалба, водењето на прекршочната постапка и прекршочните одредби.

Даночниот систем во Република Македонија е регулиран со следниве главни закони:

-Закон за персонален данок на доход
-Закон за придонеси за задолжително социјално осигурување
-Закон за данок на додадена вредност
-Закон за данок на добивка