Фото: Pexels

Самиот поим енергетска ефикасност нема посебна дефиниција. Најчесто како кратко објаснување за енергетската ефикасност се посочува користење на енергија, односно процес, множество на мерки коишто се превземаат со цел да се намали потрошувачката на енергијата, при што се внимава да не се нарушат постоечките услови на работење.

Познавачите на проблематиката укажуваат дека постои јасна разлика помеѓу заштеда на енергија и енергетска ефикасност.

Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредени одрекнувања, додека енергетската ефикасност (ефикасната употреба на енергијата) создава зголемување на квалитетот на животот.

Заеднички и за двата термина е намалување на енергетските трошоци. Притоа, начинот на оваа намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна, доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството.

Концептот на енергетската ефикасност е директно поврзан со енергетиката. Таа не се јавува само во потрошувачката на енергијата туку и во производството и дистрибуцијата на енергијата.