Фото: Pixabay

Поимот ревизија доаѓа од латинските зборови revidere, што значи повторно да се види, па според тоа ревизијата претставува дополнителен преглед и преиспитување на процесите и состојбите. Англискиот поим audit, исто така, доаѓа од латинскиот збор audire, што значи да се слуша. Оригиналното значење на поимот ревизор во англискиот јазик е “оној кој слуша“. На самиот почеток кога почнала да се развива ревизијата, ревизорот ги слушал усните извештаи на субјектите што биле предмет на ревидирање.

Денес, ревизијата е многу поширок поим, но изразот останува ист.

Во голем број компании постои таканаречена интерна или внатрешна ревизија, чија задача е да се обезбеди независно следење и уверување дека сите процеси и контролата на ризиците во компанијата се ефикасни, а целиот систем на интерна контрола е ефикасен и дава резултати.

Интерните ревизори се занимаваат, не само со финансиските извештаи што е приоритет на екстерната ревизија, туку и со други  области, како што се раст и развој на компанијата, нејзино влијание врз околината, како се спроведуваат одредени внатрешни процеси, дали се почитуваат интерните акти, дали се работи согласно законските прописи и слично.

Анализите на интерните ревизори може да се земаат предвид и при донесување важни и стратешки одлуки од страна на менаџментот, бидејќи пред себе ја гледаат целата слика за компанијата, нејзините силни и слаби страни… Интерните ревизори мора да бидат непристрасни и објективни во евалуација на процесите во компанијата за којашто работат.

Задача на интерната ревизија во една компанија мора да има авторитет, да гради доверлив однос со вработените, да комуницира и да помага во создавање нови вредности за компанијата.

Секој вработен во внатрешната ревизија мора да се води од неколку основни принципи: интегритет, објективност, доверливост и стручност.