Платен промет претставува збир на методи и инструменти преку коишто се извршуваат плаќањата, односно преносот на паричните средства меѓу луѓето, претпријатијата, државните органи и финансиските институции.

Како носители на платниот промет се јавуваат банките и централната банка. Во Република Македонија тоа се Народната банка на Република Македонија (НБРМ), банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет и Трезорот при Министерство за финансии.

Учесник во платниот промет може да биде секое домашно или странско, правно или физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице кое врши плаќања во денари преку носителите на платниот промет.

Платниот промет е една од основните економски функции на банките. Таа им обезбедува посебно место на банките во економскиот систем, од причина што ефикасното извршување на плаќањата меѓу економските агенти претставува неопходен предуслов за функционирање на економијата.

Една од најважните функции на банките е посредувањето во плаќањата меѓу населението, претпријатијата и државните институции. Во платниот промет, банките ги снабдуваат луѓето и претпријатијата со готови пари, издаваат чекови и ги обработуваат плаќањата, извршени со нив и вршат електронски пренос на парите меѓу сметките на населението и правните лица.