Фото: Pixabay

Данок претставува задолжителна обврска на секое физичко или правно лице кон државата. Тие претставуваат еден од најважните приходи на државата, којашто ги наплаќа преку законски механизми.

Даночната стапка го означува износот на данокот во однос на даночната основа. Оваа стапка најчесто се искажува во проценти. Оданочувањето се спроведува со примена на различни видови даночни стапки, во зависност од тоа што треба да постигне даночната политика. Доколку предвид се земе односот меѓу движењето на даночната стапка и движењето на даночната основа, даночните стапки може да бидат: пропорционални, прогресивни или регресивни стапки.

Пропорционален или рамен данок

Пропорционалните даночни стапки се такви стапки кои остануваат исти кога се менува даночната основа. Без оглед на тоа колкава е висината на основата, пропорционалната стапка секогаш ќе биде непроменета, со што односот меѓу основата и даночниот долг останува ист. На пример, основата на еден даночен обврзник е 1.000 денари, основата на друг даночен обврзник изнесува 2.000 денари. Доколку се воведе данок од 20%, првиот обврзник ќе треба да плати 200 денари данок и ќе му останат 800 денари. Вториот ќе плати 400 денари, а на располагање му остануваат 1.600 денари. Како што даночната основа на двајцата е во сооднос 1:2, така и доходот по оданочување го задржува истиот сооднос.

Прогресивен данок

Прогресивните даночни стапки се зголемуваат кога се зголемува и даночната основа. Порастот на прогресивните стапки може да биде: рамномерен (да расте со исто темпо како и основата), забрзан или забавен.

Рамномерниот пораст на прогресивните даночни стапки постои кога со ист процент се зголемуваат и даночната основа и даночната стапка. Доколку, на пример, даночната основа се зголеми за 100% и даночната стапка ќе го забележи истиот пораст.

Кај забрзаниот пораст на прогресивните даночни стапки, стапката се зголемува во поголем процент отколку даночната основа. Од друга страна е забавениот пораст на прогресивните даночни стапки, кај кои даночната стапка се зголемува со помала динамика од даночната основа и станува збор за регресивно прогресивни даночни стапки.

Кај примената на сите три видови на стапки, даночните стапки секогаш растат кога се зголемува и даночната основа, само различна е динамиката на пораст. Но, треба да се потенцира дека порастот на стапката не може да биде неограничен, односно запира на одредено ниво и станува пропорционален. Највисоката даночна стапка не смее да биде 100% , бидејќи таквиот данок ќе значи инструмент за конфискување.

Оданочувањето со прогресивни даночни стапки може да се спроведе на два начина: со директна или индиректна прогресија.

Директната прогресија претставува начин на оданочување во кој прогресивните даночни стапки се претставени во законското решение. Кај вториот облик има таканаречена расчленета прогресија. Тука даночната основа е поделена на повеќе даночни единици, па на секоја поединечно се применува соодветна даночна стапка, која секако расте. Целиот износ на даночниот долг се пресметува кога добиениот износ по транши ќе се собере.

Рамен и прогресивен данок во Македонија

Од први овој месец, во Македонија започнува примената на законот за данок на личен доход, според кој годишната даночна основа до 1.080.000 денари ќе се оданочува по 10%, додека лицата кои остваруваат од 1.080.001 денари доход ќе плаќаат 108.000 +18% на делот на доходот што е над 1.080.000 денари.
До први јануари 2007 година, персоналниот данок на доход, со којшто се оданочува доходот на граѓаните, се пресметуваше со примена на прогресивни даночни стапки. Од први јануари 2008 година, даночната стапка изнесуваше 10%, а според најновото законско решение, на сила повторно стапува прогресивно оданочување.