pexels-photo-175045

Фото: Pexels

Сопственикот на трансакциската тековна сметка може да отвори траен налог со којшто ќе ја овласти банката, во негово име и од средствата на неговата трансакциска сметка, без надомест да врши плаќања на редовните трошоци за домаќинство (сметки за вода, електрична енергија, парно греење, фиксна и мобилна телефонија) и пренос на друга трансакциска сметка. Исто така со траен налог може да се префрлаат пари на денарска штедна книшка во банката, како и да се отплаќаат рати издадени од банката.

Сопственикот на сметката може да отвори и траен налог за пренос на средства од неговата трансакциска тековна сметка на која било друга сметка во банката или во други деловни банки, со надомест согласно тековната тарифа за извршување на плаќања на шалтерите на банката.

Стандарден траен налог

Стандардниот траен налог е налог којштоеднаш го активирате во банката и врз основа на истиот банката секој месец на назначениот датум ги префрлува потребните средства на лицето или фирмата на коишто треба да се плати.

Лимитиран траен налог

Лимитираниот траен налог е налог со којшто корисникот го одредува максималниот износ кој може да се плати. Доколку износот на сметката којашто сте ја назначиле за плаќање е повисока од максималниот износ којшто сте го дозволиле, банката нема да го изврши плаќањето.

Трајниот налог се издава на посебен образец пропишан од банката во кој прецизно се наведуваат податоците: на која сметка се дава траен налог, податоци за сопственикот на депозитот по видување, на која обврска се однесува трајниот налог, инструкции за плаќањето, ден и износ ако се познати, називот на правното лице кое ја издава сметката за плаќање по трајниот налог, инструкции за пренос на средства на друга сметка, ако трајниот налог се издава за пренос на средства, податоци за почетокот на реализација на трајниот налог и датум на издавање.

Трајниот налог го потпишуваат референтот во банката и лицето кое го дава трајниот налог.