Банкарски акцепти претставуваат меници што се прифатени за исплата од страна на некоја реномирана банка. Тие спаѓаат во групата на дисконтни хартии од вредност, т.е. се продаваат по цена што е пониска од нивната номинална вредност. Исто така, тие претставуваат краткорочни хартии од вредност при што роковите на достасување вообичаено се движат од еден до девет месеци.

Појавата на банкарските акцепти е поврзана со финансирањето на меѓународната трговија, односно, овие меници ги издаваат претпријатијата кога вршат увоз или извоз на стоки и услуги. Притоа, кога меницата ќе биде прифатена за исплата од некоја банка, таа станува главен меничен должник и тоа го зголемува квалитетот на акцептот, со што тој станува привлечен за инвеститорите, така што не мора да се чека крајниот рок на достасување на акцептот, туку тој може да се продава на секундарниот пазар.

Од аспект на инвеститорите, банкарските акцепти се многу привлечни инструменти заради нивниот низок кредитен ризик и активниот секундарен пазар. Оттука, банкарските акцепти носат ниски стапки на принос, што се малку повисоки од оние на државните записи.