Каматните расходи претставуваат прва, основна расходна ставка во билансот на успехот. Овие расходи произлегуваат претежно од каматата што банката ја плаќа на депозитите, т.е. каматата на тековните сметки, депозитите по видување, орочените депозити итн. Понатаму, овде спаѓа и каматата што банката ја плаќа на недепозитните обврски, како што се: кредитите земени на меѓубанкарскиот пазар, кредитите од централната банка, репо-трансакциите, издадените обврзници итн. Исто така, во оваа група е вклучена и каматата што банката ја плаќа на субординираниот долг.

Инаку, како каматни расходи се третираат и надоместоците и другите трошоци што ги плаќа банката, а кои се директно поврзани со каматоносните инструменти, односно што претставуваат дел од нивната ефективна каматна стапка. Релативното значење на одделните видови каматни расходи зависи од структурата на изворите на средствата на банката, макар што, вообичаено, најголем дел од каматните расходи отпаѓа на каматата на депозитите.

Во Македонија, каматните расходи се убедливо најголемата расходна ставка кај големите банки, што е одраз на многу високото учество на депозитите во вкупните извори на средства. Кај средните банки, доминацијата на каматните расходи не е толку изразена, додека кај малите банки, каматните расходи воопшто не се најголемиот трошок во работењето.

Фото: Pixabay