Фото: Pixabay

Опции (Options) претставуваат контингентни побарувања чијашто вредност е условена од вредноста на некој друг финансиски имот во одреден временски период.

Опциите се нарекуваат и дериватни финансиски инструменти, бидејќи нивната вредност е изведена од вредноста на некој примарен финансиски имот. Примарен финансиски имот кај опционите договори се: акции, берзански индекси, странски валути, фјучерси на каматни стапки, нафта, благородни метали и слично.

Опцијата на имателот му дава право, но не и обврска, да направи нешто во иднина. Опцијата има вредност бидејќи му дава можност на имателот да ги одложи одлуките додека не му бидат достапни подобри информации за донесувањето одлука за реално оформување на инвестиционата позиција.

Правото да се купи се нарекува кол опција (call option), додека правото да се продаде се нарекува пут опција (put option).

Берзанското тргување со опции започнува во 1973 година и тоа на берзата во Чикаго.

Многу важна улога во берзанското тргување со опции имаат и таканаречените клириншки куќи. Овие институции гарантираат извршување на трансакцијата, со тоа што се појавуваат на спротивната страна на трансакцијата, доколку оригиналниот учесник во трансакцијата не успее да го изврши својот дел од обврската.