Singapore Airlines од октомври годинава, повторно го воведува најдолгиот комерцијален лет на светот, пишува The Guardian.

Летот ќе трае 18 часа и 45 минути и ќе биде на релација Сингапур-Њујорк, прелетувајќи околу 16.700 километри без пауза. За оваа авиолинија Singapore Airlines ќе ги користи авионите Airbas A350-9000 ULR коишто може да примат 161 патник, од кои 67 во бизнис, а 94 во премиум економската класа.

Инаку оваа компанија веќе леташе на слична линија во периодот од 2003 до 2014 година, меѓутоа пред пет години ја укинаа, бидејќи не ги даде очекуваните приходи.

Одлуката повторно да се активира доаѓа во време кога авиокомпанијата се обидува да најде нови извори на приходи во силното конкурентско опкружување, а токму долгите летови генерираат повеќе заработка, отколку тие со паузи во летањето. Во Singapore Airlines планираат непрекинат лет и од Сингапур до Лос Анџелес со истиот модел на авион.

Досегашниот рекорд за најдолг лет го држи компанијата Qatar Airways, од Оукленд (Нов Зеланд) до Доха (Катар) и изнесува 17 часа и 40 минути.