Вработените во ОКТА уште еднаш ја покажаа својата хуманост, активно вклучувајќи се во одбележувањето на Светскиот ден за борба против гладот. Со колективно откажување од своите дневни купони за храна, вработените собраа парични средства со кои се обезбеди донација од 280оброци за социјално загрозените семејства во државата.

Пакетите со храна, преку Црвениот крст, исто како и минатата година, ќе бидат доставени до жителите на руралните средини кои не можат да си дозволат достоинствен оброк. Поддршката на иницијативата и масовноста на одѕивот од вработените се зголемува секоја година, што е потврда дека во компанијата постојано се надградува свеста за потребата од социјално одговорен ангажман.

Во рамките на оваа општествено одговорна активност, традиционално беше организирана и крводарителска акција во која учествуваа 100 крводарители од компанијата. Дарувањето крв е една од хуманите активности по кои ОКТА е препознатлива уште од почетокот на работењето на компанијата. Од 1982 година до денес се одржани над 130 крводарителски акции.

Од компанијата велат дека се особено горди што токму вработените се иницијатори на голем број волонтерски и хуманитарни активности што е најдобар доказ дека токму тие се еден од главните столбови на политиката за корпоративна општествена одговорност на ОКТА.