Со помош на вештачка интелегенција ќе може значајно да се подобри прецизноста околу медицинската грижа за пациентите, предвидувањето на исходот од истата, но и времето на смртта, се вели во најновата студија, за којашто пишува списанието Futurism.

Врз основа на експериментите во кои се користени податоци од две болници во САД, истражувачите успеале да покажат како со помош на алгоритам може да се предвиди должината на времето поминато во болница, времето кога пациентот ќе биде отпуштен, но времето кога пациентот ќе умре.

Системот работи како невронската мрежа во која се внесуваат голем број на податоци од медицинската историја на пациентот, клучни параметри за неговата здравствена состојба, а може да обработи дури и податоци кои се пишувани рачно, какви што се коментарите или медицинските белешки од старите картони. Вака внесените информации, алгоритмот ги сложува редоследно, почнувајќи од претходните важни случувања од мединцинската историја на пациентот и потоа ги предвидува идните исходи, меѓу кои е и смртта.

Креаторите на овој модел, велат дека примената на вештачката интелегенција ќе им помогне на болниците навремено да ги одредат приоритетите кај медицинските случаи, а исто така во голема мера ќе ги растеретат и медицинските работници околу сложувањето на папирологијата, со тоа што ќе преземат поголем дел од обратботката на податоци кај себе.

Вештачката интелегенција и претходно веќе најде примена во здравството.

Неколку неодамна развиени алгоритми, успеаја да дијагностицираат рак на белите дробови и некои болести на срцето дури и подобро од самите лекари. Исто така се користи и кај одредувањето на ризикот од развој на една од најчестите болести на очите.

Сепак најголемата дилема останува етичка. Дали и колку е во ред пренасочувањето на огромен број на осетливи лични податоци во еден предиктивен модел којшто е во сопственост на приватна компанија?

Фото: Pixabay